На брзата пруга од Табановце до Гевгелија се планираат 19 нови тунели
Проектот за изградба и модернизација на брзата железница на Коридор 10 предвидува значителни интервенции на постојната траса, вклучително и изградба на нови тунели на делницата меѓу Скопје и Гевгелија.
Според проектната документација објавена од Министерството за транспорт, железничката линија долж Коридор 10 треба да се трансформира во модерна, двоколосечна и електрифицирана пруга, усогласена со европските стандарди за транспорт. Трасата од Табановце до Гевгелија е долга околу 190 километри, а предвидените брзини се до 160 километри на час за патнички и до 120 километри на час за товарен сообраќај.
Еден од најголемите зафати е изградбата на околу 19 нови тунели, со вкупна должина од приближно 19 километри. Сите се планирани на делницата меѓу Скопје и Гевгелија, каде постојната траса има технички ограничувања. Во документацијата се наведува дека постојните шест тунели на Коридор 10, со вкупна должина од 1.029 метри, нема да се користат за брзата железница, бидејќи имаат тесни кривини и ја ограничуваат брзината на возовите на околу 60 километри на час.
Проектот предвидува и изградба на мостови во должина од околу 2,65 километри, 59 подвозници и надвозници, поставување околу 566.000 прагови и речиси 46.000 тони шини. Во документацијата се нагласува дека овие количини се индикативни и ќе се доработуваат во следните фази на проектирање.
Модернизацијата на Коридор 10 има за цел да го зголеми капацитетот на железничкиот сообраќај и да го забрза транспортот на патници и стоки од север кон југ, односно од границата со Србија кон Грција. Овој коридор е важен за поврзувањето на земјата со Централна Европа и со грчките пристаништа, особено Солун и Пиреја.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека физибилити студијата и студијата за влијание врз животната средина се при крај, а по нивното завршување треба да следи процес за обезбедување финансирање и почеток на реализацијата. Според претходните владини најави, проектот треба да биде дел од поширокото регионално поврзување на Коридор 10, заедно со Србија, Грција, Унгарија и Австрија.



