НАД 50 МИЛИОНИ ЕВРА ШТЕТА ОД ПОЖАРИТЕ ВО 2025 ВО МАКЕДОНИЈА
Македонија во 2025 година претрпела штета од околу 50,1 милион евра од шумските пожари, покажуваат податоците од Извештајот за работењето на ЈП „Национални шуми“ за 2025 година. Според документот, во текот на годината биле евидентирани 178 шумски пожари, при што биле опожарени 17.631,71 хектаришума и шумско земјиште, а изгореле 282.931 кубни метри дрвна маса.
„Евидентирани се 178 пожари во текот на 2025 година, со вкупно опожарена површина од 17.631,71 ха, а опожарена дрвна маса е 282.931,00 м³, при што е причинета штета од 3.081.839.089 ден. Вкупните трошоци за гаснење на пожарите изнесуваат 10.355.810 денари“, се наведува во извештајот на ЈП „Национални шуми“.
Просечно, пријавената штета изнесува околу 2.840 евра по опожарен хектар, што покажува дека пожарите не претставуваат само еколошка катастрофа, туку и сериозен економски удар врз еден од најважните природни ресурси со кои располага државата.
Најпогодени биле лисјарските шуми, каде што биле зафатени 8.588 хектари, со штета проценета на околу 34,1 милион евра. Кај мешаните шуми штетата достигнала околу 15,5 милиони евра, додека кај иглолисните шуми била околу 520 илјади евра.

Во гаснењето на пожарите во текот на годината учествувале 6.328 лица, од кои 1.748 биле вработени во ЈП „Национални шуми“, а останатите 4.580 биле припадници на други институции и служби.

Податоците од извештајот покажуваат дека за две години, во 2024 и 2025 година, шумските пожари предизвикале вкупна штета од околу 133,2 милиони евра. Во истиот период биле регистрирани 428 пожари, а огнот зафатил речиси 79.000 хектари шума и шумско земјиште.
Летото 2025 година Македонија повторно се соочи со сериозен бран шумски пожари. Поради екстремно високите температури, сушата и силните ветрови, пожарите избувнуваа во повеќе делови од државата, а дел од нив се приближуваа до населени места и инфраструктурни објекти. Како едно од најтешко погодените подрачја се издвојува планината Готен, на тромеѓето меѓу Василево, Радовиш и Берово, каде што пожарот зафати голема шумска површина и предизвика сериозни штети. Владата прогласи кризна состојба на целата територија на државата поради зголемениот број пожари, а во гаснењето беа вклучени домашни и странски ресурси.



