Мицкоски: Швајцарија е еден од нашите најзначајни партнери во развојната соработка
„Најпрвин ќе ми дозволите да му посакам уште еднашка топло добредојде на претседателот на Швајцарската конфедерација и да му посакам да ужива во преубавото време овдека во Скопје. Сигурен сум дека и досега навистина се помина прекрасно, да оставиме простор претпоставувам на преводот па потоа јас ќе продолжам.
Имавме навистина една прекрасна работна средба, прекрасен работен ручек со високата делегација којашто Н.Е. претседателот на Швајцарската конфедерација ја донесе со себе овдека. Ние исто така од страна на Владата и претставници од бизнис заедницата бевме присутни на таа, би рекол билатерална средба.
Разговаравме за сите можности, за предизвиците, но и сето она коешто не поврзува и како сето тоа да го зголемиме и засилиме во периодот којшто следува. Убеден сум дека во периодот којшто следи нашите билатерални односи ќе го достигнат она ниво коешто и ние го очекуваме, посебно во делот на економската соработка и трговската размена.
И од мое име и од името на македонската Влада, македонските граѓани сакам да се заблагодарам лично на Н.Е. претседателот на Швајцарската конфедерација за целокупната помош којашто ја даваат и за целата поддршка што ја имаат кон нас како држава. Јас како претседател на македонската Влада можам да кажам дека ќе работиме интензивно на зајакнување и подигнување на повисоко ниво на нашите билатерални односи.
Уште еднашка благодарам на Н.Е. претседателот на Швајцарската конфедерација.“



