Македон со двојно злато во Франкфурт – македонското знаме повторно на врвот
Младиот математички талент Македон Димитровски постигна извонреден успех на Германската математичка олимпијада, освојувајќи два златни медали и потврдувајќи го својот статус меѓу најдобрите млади умови во светот.
Димитровски освои златен медал во индивидуална конкуренција по математика, како и златен медал во математички предизвик, а со своите резултати беше вброен и во престижната група лауреати – признание резервирано за најуспешните учесници.
Успехот го сподели неговиот татко Владимир Димитровски на социјалните мрежи, истакнувајќи ја гордоста од постигнувањето.
„Горди сме да објавиме дека Македон постигна извонреден историски успех на Германската математичка олимпијада! Со своите блескави резултати беше прогласен и во престижната група на лауреати – признание резервирано само за најдобрите од најдобрите“, напиша тој.
Овој успех претставува значајно признание не само за младиот математичар, туку и за Македонија, која повторно се најде на врвот на меѓународната научна сцена.
„Овој неверојатен успех е доказ за врвен талент, огромна посветеност и достојно претставување на Македонија. Честитки, Македон! Ти си наша гордост, инспирација и вистински шампион!“, стои во објавата.



