Коболи го елиминираше Зверев за финале против Шелтон во Минхен
Италијанскиот тенисер Флавио Коболи денеска направи изненадување на турнирот во Минхен, Германија, откако убедливо го победи првиот носител Александер Зверев – 6:3, 6:3 и обезбеди место во финалето.
Италијанецот оствари победа за нешто повеќе од еден час игра, прекинувајќи ја низата добри резултати на бранителот на титулата и со тоа спречувајќи го да стигне до четвртиот трофеј на овој турнир.
Зверев не можеше да најде решение за сигурната игра на својот ривал на сервис, а дури и кога Германецот се закани во завршницата од мечот, Коболи брзо го одби нападот и ја искористи првата можност да го реши мечот.
Коболи во финалето ќе се соочи со Бен Шелтон, Американецот го елиминираше Алекс Молчан од Словачка со 6:3, 6:4.
Ова ќе биде второ финале за Коболи оваа сезона, откако претходно го освои турнирот во Акапулко, додека Шелтон ќе се обиде да направи чекор напред од минатата година, кога беше поразен во финалето во Минхен.



