Извештај на СЗО, во Македонија граѓаните лекови купуваат приватно
Трошоци за здравствената заштита и понатаму претставуваат предизвик, особено за посиромашните домаќинства. Овие трошоци се должат главно на приватни плаќања за лекови. Високото ниво на приватни трошоци, заедно со неформалните плаќања, ја намалува веројатноста граѓаните со ниски приходи да ги добијат потребните здравствени услуги, пишува во извештајот на Светската здравствена организација „Здравствени системи во акција: Северна Македонија“.
Во извештајот пишува дека во последниве години државното финансирање на здравството е намалено и е меѓу најниските во Југоисточна Европа. „Постои голема зависност од плаќањата од џеб кои претставуваат 40,4% од вкупните трошоци за здравство, што е исто така еден од највисоките проценти во Југоисточна Европа, смета СЗО.
Повеќето услуги од примарната здравствена заштита се бесплатни, но одредени здравствени услуги, особено за амбулантските специјалистички посети, препишаните лекови и за болничката нега потребни се дополнителни плаќања.
Катастрофалните здравствени трошоци остануваат да бидат проблем, особено за посиромашните домаќинства, и во голема мера се поттикнати од плаќањата од џеб за амбулантски лекови.
Фрагментираната мрежа на примарната здравствена заштита и ограничениот опсег на пракса доведува до многу упатувања на секундарната и терцијарната нега и високи стапки на прием во болница што може да се избегнат“, пишува во извештајот.