Симовски: Пописот и покрај сите предизвици е темелен, точен и прецизен приказ и пресек на нашето општество 

Пописот на населението, домаќинства и становите 2021 е прв попис по многу параметри – прв по речиси две декади, првпат во пандемија, првпат со комбиниран метод, прв на кој се попишува дијаспората и најважно од се, наспроти сите предизвици успешно завршен.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во интервју за МИА, вели дека е особено горд што овој попис е ефикасен, професионален и успешно спроведен и претставува темелен, точен и прецизен приказ и пресек на нашето општество.

Вкрстената анализа на сите податоци, Симовски, вели дека не остава простор за манипулација и кога располагате со сериозни бази на податоци преку кои неколкукратно правите проверка на прибраните податоци од терен, можноста за грешка е практично непостоечка. Имањето на прецизни информации за реалната состојба на населението, ќе ѝ обезбеди на државата можност да креира политики, кои ќе можат подобро да одговорат на потребите на граѓаните и бизнисот.

Објавувањето на податоците ќе се одвива сукцесивно, по сетови на податоци. Првиот сет на податоци што ќе биде објавен утре, ги опфаќа податоците за вкупното резидентно население, вкупното нерезидентно население, пол, возраст, етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик кој вообичаено се зборува во домаќинствата, број на станови и број на домаќинства, а во месеците што следат ќе бидат објавувани сетови на податоци за образовните и економските карактеристики на населението, за становите, за домаќинствата, попреченост …

Статистиката е дел од првиот кластер во преговарачкиот процес со ЕУ, што според Симовски, значи дека без статистика ниту едно поглавје не може да се отвори ниту да се затвори. Статистика, освен за своето Поглавје 18, мора да биде поддршка на сите останати поглавја.

Во продолжение следува целото интервју со директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски:

Поминавте еден месец на терен и шест месеци во обработка. Утре ќе ги објавите конечните резултати, која е вашата генерална оценка за целокупниот процес?

– На мое огромно задоволство, овој попис е ефикасен, професионален и успешно спроведен процес на прибирање и обработка на податоците, на што сум особено горд.

Среќен сум навистина што овој попис, кој го правиме по точно 20 години и покрај сите предизвици е темелен, точен и прецизен приказ и пресек на нашето општество. Тоа за еден човек како мене, кој целиот свој работен век го поминал во различни аспекти на статистиката, е особено важно и затоа сум исклучително задоволен и од процесот и од исходот.

Пописот беше неодложно потребен за Република Северна Македонија и затоа уште на почетокот направивме добра и темелна анализа на базите, регистрите и евиденциите што постојат во државата. Во консултација со меѓународни експерти, се одлучивме за комбинираниот метод на спроведување на пописот како најсоодветен метод. За потсетување, комбинираниот метод како докажано најпрецизен метод за извршување на попис вклучува вкрстено анализирање на податоците од терен со податоците со кои државата веќе располага, а се вклучени во 9 регистри, односно бази како базата на државјани, регистар на население, базите на агенцијата за вработување, податоците за запишани ученици во основните и средни училишта, податоци од Управата за јавни приходи, односно податоци за личните доходи и плаќањата на персонален данок на доход, податоците за корисници на пензија по сите основи, податоци за лица корисници на социјални трансфери преку Министерството за труд и социјална политика, податоци од Управата за водење матични книги, односно податоци од матичните книги за родени, умрени и венчани лица, податоците од катастарот за недвижностите и секако податоците со кои располага и самиот Државен завод за статистика.

Тука сакам да потенцирам дека вкрстената анализа на сите овие податоци не остава простор за манипулација и своеволно толкување на податоците. Кога располагате со сериозни бази на податоци преку кои неколкукратно правите проверка на прибраните податоци од терен, можноста за грешка е практично непостоечка. Анализата пак која произлегува од ваков тип на методологија е исто така исклучително прецизна и понатаму овозможува креирање политики, кои за основа ќе земат точни и проверени информации.

Државниот завод за статистика е независна и професионална институција и со овој попис ние тоа уште еднаш го потврдивме. Поддршката од меѓународната заедница во овој контекст е особено важна, бидејќи навистина добивме поддршка за процесот на независно спроведување и обработка на податоци што всушност значеше поддршка за користење модерни алатки и секако поддршка за спроведување на утврдената методологија за која зборував претходно.

Во прилог на професионализмот кој е карактеристичен за Државниот завод за статистика оди и нашата решителност и ефикасност во справувањето со предизвиците кои ги имавме, а кои во најголем дел беа иницирани од пандемијата. Ова пред сѐ резултираше во уште едно одложување на пописот кој конечно се случи во септември месец во кој успешно успеавме да се прилагодиме на околностите (сезона на земјоделски работи и годишни одмори). Воедно се сретнавме и со повиците за бојкот кои реално не вродија со плод бидејќи граѓаните, и покрај тоа што поминаа 20 години од претходниот попис, знаеја дека оваа статистичка операција, која ја спроведуваме ќе има само придобивки за нивниот живот и функционирањето на државата.

Апсолутно сум задоволен и горд што ние како Државен завод за статистика одговоривме на предизвиците со добра организација, со строго почитување на утврдените мерки за заштита во време на пандемија и со решителност да ја завршиме нашата работа професионално и ефикасно. Затоа 20 години подоцна ние денес имаме квалитетни пописни податоци неопходни за секој еден од нас и за целата држава.

Она што сакам да го нагласам тука е и обработката на податоците. Со оглед на фактот дека во процесот на Попис 2021, Државниот завод за статистика располагаше со модерна техника и технологија, ние успеавме со тим составен исклучиво од професионалци вработени во заводот, да ги обработиме податоците за само 6 месеци. Знаете и сами порано податоците се прибираа и обработуваа рачно, и траеја по 1,5 до 2 години, но со помош на технологијата, дигитализацијата, ние денес имаме точни и прецизни податоци обработени во рекордно брзо време. Ова значи дека системот кој го поставивме, во иднина ќе ни овозможи многу брзо и ефикасно и почесто спроведување на вакви важни статистички операции, кои ќе ни помогнат подинамично креирање на политики, кои одговараат на потребите на граѓаните и бизнисот.

Речиси 20 години живеевме без попис, дали недостигот на клучни информации за развој на државата се рефлектира и може да се види и на пописот 2021?

– Целта на пописот е токму тоа, да се добијат клучни информации за развој, кои ќе помогнат во носењето на одлуки и креирањето на подобри политики за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, како и за подобрување на условите за развој на бизнисот.

Во оваа насока, сакам да потенцирам нешто што ние како дел од глобалната заедница на држави го имаме поставено како цел, а за кое податоците од овој попис имаат клучна улога. Сигурен сум дека знаете, Северна Македонија како членка на Обединетите нации се има обврзано до 2030 да придонесе кон исполнување на 17-те цели за одржлив развој кои, пак, обезбедуваат три различни димензии: економската, како што е економскиот раст и развој, димензијата на животната средина дефинирана преку одржливото користење на ресурсите и трансформација кон зелени политики кои ќе резултираат во заштита на животната средина и секако социјалната димензија пресликана во солидарноста и борбата против сиромаштијата. Индикаторите поврзани со целите за одржлив развој се во најголем дел врзани со населението, односно со податоците за населението и во овој контекст, имањето на прецизни информации за реалната состојба на населението, ќе ѝ обезбеди на државата можност да креира политики, кои ќе можат подобро да одговорат на потребите на граѓаните и бизнисот, а воедно и ќе овозможат забрзано остварување на развојните цели на ОН.

Дополнително и подетално, врз основа на резултатите од пописот граѓаните добиваат статистички показатели, кои им помагаат да бидат информирани и да носат паметни одлуки и да учествуваат компетентно во креирањето на јавните политики со што се овозможува вистинска партиципативна политичка култура. Бизнис секторот ќе може да носи поиздржани одлуки за инвестициите, развојот, работната сила, науката ќе има бази на податоци за истражувања, проекции за одредени состојби, научни трудови, итн, државата ќе има податоци за креирање на популационата политика и другите социјални политики.

Со пописот, на пример, ќе добиеме детална слика за структурата на образованието на населението, со што ќе се овозможи креирање политики за усогласување на потребите на пазарот на трудот, а и ќе помогне на бизнис заедницата да ги планира своите инвестиции знаејќи ги капацитетите на работната сила (образовната структура, старосната структура и занимањата).

И ова се само дел од придобивките на државно и на локално ниво, но секако, импликациите од овој попис ќе имаат улога во подобрувањето на планирањето и реализацијата во сите сфери во општеството.

Живеењето без попис 20 години секако дека е предизвик. Но, имајте предвид дека ние како Завод, но и како држава и досега имавме пристап до базите на податоци кои ги споменав и со кои вкрстено ги анализиравме и проверувавме податоците од терен. Она што го добиваме со пописот е подетален и попрецизен пресек на информации, како што веќе напоменав и сега со сигурност ќе ја знаеме структурата на населението, домаќинствата, станбениот фонд итн., што ќе ѝ овозможи на државата да работи на подобрени развојни политики, односно ќе се олесни процесот на носење одлуки и креирање подобри политики за развој.

Дваесет години не се мал период, но она што сега е најважно е тоа што ние во моментов имаме база, односно систем кој го поставивме и кој понатаму може брзо и ефикасно да нè донесе до нови и подобрени податоци, кои ќе овозможат побрз раст и развој по сите основи. Ова е голема победа и за нас како Завод за статистика, но и за државата која континуирано ќе располага со податоци кои прецизно и точно ќе го насочат креирањето на развојни политики.

Ова ќе бидат конечните резултати. Дали тоа значи дека сите податоци, кои се собрани со пописот ќе бидат објавени сега?

– Податоците што ќе почнеме да ги објавуваме од утре се конечни податоци. Ова и накратко го начнав кога зборувавме за обработката на податоците. Дигитализацијата и технологијата ни овозможи брза и ефикасна детална обработка на податоци во краток рок, и ни овозможи завршување на процесот и финализирање на податоците во овие 6 месеци.

Објавувањето на податоците ќе се одвива сукцесивно, по сетови на податоци. Според Програмата за објавување на податоците, но и обврските што ги имаме кон Европското статистичко биро, Евростат, сите податоци ќе бидат објавени до крајот на оваа година. Па така, покрај овој прв сет на податоци што ќе го објавиме утре, а во кој се опфатени податоците за вкупното резидентно население, вкупното нерезидентно население опфатено со пописот, пол, возраст, етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик кој вообичаено се зборува во домаќинствата, број на станови и број на домаќинства, на ниво на општина, во месеците што следат ќе бидат објавувани сетови на податоци за образовните и економските карактеристики на населението, за становите, за домаќинствата, попреченост, детални податоци за становите, зградите и домаќинствата и, некаде при крајот на годината, ќе ги објавиме и податоците на ниво на грид – 1 км2.

Некои од податоците ќе бидат објавени во пригодни публикации, а сите податоци, на сите нивоа, ќе бидат достапни во Макстат базата на податоци на нашата веб-страница.

ЕК во Извештајот за напредокот на земјава го поздрави спроведувањето на Пописот 2021 и порача дека во следната година е потребно да се работи на зајакнување на капацитетите на ДЗС, алудирајќи на човечките. Што ќе се преземе во оваа насока?

– Во неколку извештаи на Европската комисија за напредокот на земјата, неколку години наназад, ЕК потенцира дека треба да се зајакнат човечките капацитет во Државниот завод за статистика. За жал, веќе 4 години по ред немаме ниту едно ново вработување и зајакнувањето на капацитетите е нешто на кое мора сериозно да се посветиме и да изнајдеме начини за решавање на овој проблем. Но, потенцирам, бидејќи сметам дека е особено важно јавноста да го знае ова, во моментов овој предизвик со капацитетите е нешто што не ја нарушува тековната работа на Заводот и дека ние активно работиме да ги надминеме овие предизвици. Вработените во Заводот се исклучителни професионалци, кои на новите идни колеги ќе им овозможат менторство и пренос на институционалната меморија што ќе обезбеди уште поподготвен човечки капацитет, кој е на ниво на задачата.

Во оваа прилика сакам да посочам дека во нашата држава не постои факултет за статистика, па процесот на креирање квалитетни статистичари побарува сериозен ангажман во смисла на градење, обука итн., процес кој понекогаш трае и неколку години. Ова е процес кој ние го имаме предвид и соодветно постапуваме. Исто така се среќаваме и со предизвикот врзан со кадар од областа на ИТ и незаинтересираноста на тој профил да работи во државна институција, каде што платите се многу ниски во однос на реалноста на ИТ пазарот.

Исто така, треба да истакнеме дека Поглавјето 18 – Статистика е дел од првиот кластер на институции во преговарачкиот процес. Тоа значи дека без статистика ниту едно поглавје не може да се отвори ниту да се затвори. Статистика, освен за своето Поглавје 18, мора да биде поддршка на сите останати поглавја, а сето тоа нема да може да се обезбеди без зајакнување на капацитетите.

Но, решенија секако постојат и јас искрено се надевам дека во периодот пред нас, заедно со Владата ќе најдеме заедничко решение, а се со цел навремено обезбедување на квалитетни официјални статистички податоци за нашите корисници.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons