Горивото во Португалија рекордно скапо, почнаа протести и блокади
Новиот бран поскапување на горивата во Португалија ја крена цената на дизелот на рекордно високо ниво, предизвикувајќи протести низ целата земја. Зголемувањето на цените трае цела година, а вчерашното зголемување на цените предизвика блокади и протестни акции, пишува Јуроњуз.
Возачите вчера протестираа со масовно свирење на мостот „25 април“, клучна сообраќајница која ги поврзува Лисабон и Алмада. Во исто време, на југот од земјата беше организирана протестна колона, која полека се движеше кон рафинеријата на Галп во Синес.
Протестот беше организиран преку социјалните мрежи и апликацијата Уатсап, а продолжи и попладне без најавен крај. Агенцијата Луса известува дека демонстрантите носеле транспаренти со пораките „Доста со зголемувањето на цените на горивата“ и „Семејствата не можат повеќе да издржат“.
Португалскиот автомобилски клуб (АЦП) проценува дека цената на дизелот се зголемила за 15 центи во понеделник, па затоа неговата цена сега изнесува 2,169 евра за литар. Цената на бензинот се зголемила за 12 центи, на 2,142 евра за литар. Овие износи го вклучуваат намалувањето на данокот на нафтени производи (ИСП) кое владата го воведе како вонредна мерка. Без ова олеснување, зголемувањето на цената би било уште поголемо, односно дополнителни 12 центи за дизелот и 9 центи за бензинот.
Според пресметките на порталот Динеиро виво, ова е највисоката цена на дизелот досега забележана во Португалија. Цената на бензинот е на највисоко ниво од енергетската криза во 2022 година, предизвикана од конфликтот во Украина. Цените на горивата растат низ цела Европа. Германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг објавува дека цените во Германија исто така достигнале историски рекорди, а бензинот го надминал нивото од март 2022 година од 2,203 евра за литар.
И покрај ова, Португалија се издвојува како една од најскапите земји. Податоците на порталот за цени на горива, кој ги следи цените во 21 европска земја, покажуваат дека во понеделникот Португалија била на 19-то место по цена на бензинот. Само Франција и Данска се поскапи. Ситуацијата е малку поповолна за дизелот, каде што Португалија е на 17-то место, пред Британија, Италија, Франција и Данска.



