Вториот тендер е последна шанса да се изгради регионалната депонија во Свети Николе, пред да пропаднат парите од ЕУ
Ова е последна шанса за проектот за регионалната депонија во Свети Николе да успее, бидејќи, како што поминува времето се губат средствата од ИПА, а се зголемува националното учество што значи дека овојпат мора да се склучи договорот, велат од Министерството за животна средина, пренесува агенцијата Мета.мк.
Во моментов во тек е постапката за евалуација на компаниите кои се пријавиле на јавниот повик за избор на фирма што ќе треба да ја гради првата регионална депонија по европски стандарди во земјава. Ова е втор повик, откако првиот пропадна заради слаба заинтересираност. Во повторениот повик, што заврши на крајот на април, како што велат од Министерството, имало многу поголем интерес од компании и подобри понуди, а евалуацијата треба да заврши до крајот на јуни.
Според Весна Индова, раководител на Секторот за ИПА фондови, ова е последната шанса за успешна реализација на овој проект и заради тоа што, во втората фаза е предвидено уште едно финансирање преку ИПА 3, каде се одвоени средства со кои ќе треба да се затворат нестандардните депонии кои во првата фаза продолжија да работат и со кои ќе се набават големи камиони кои ќе транзитираат од претоварните станици до централната депонија, а ќе треба да се купат и контејнери.
„Претходната тендерска постапка беше неуспешна заради слаба заинтересираност на компаниите. За среќа сега е поголема и има понуди во рамки на планираниот буџет, заради што се надеваме дека оваа ќе биде успешна“, вели Индова.
Таа апелираше до градоначалниците на сите 18 општини многу повеќе да се ангажираат за да профункционира регионалното претпријатие со оглед на тоа што преку ИПА проект се изработи целокупната документација со која двата региони се подготвија како да работат со него.
Во моментов, според Ана Каранфилова Мазневска, раководител на Секторот за отпад, регионалното претпријатие за управување со отпад, што го формираа општините од Источниот и Североисточниот регион функционира, но се уште има само еден вработен, директорот. Треба да се формираат нов Управен и Надзорен одбор според условите во новиот закон за јавни претпријатија, а општините ќе треба да одвојуваат од буџетите за да може да функционира, додека не започне со работа новата депонија.
Првиот тендер за регионалната депонија пропадна во октомври минатата година. Според извештајот на Државниот завод за ревизија објавен во јуни лани, проектот за Свети Николе ќе ја чини државата 40 отсто повеќе заради пролонгирањето на роковите и доцнењето на третата фаза, за која се распиша овој тендер. Според ДЗР, во третата фаза од проектот кој вклучува изградба на регионалната депонија и трансфер станиците, државата ќе треба да учествува со 65 отсто од средствата, а европските фондови со 35 отсто, наместо првично предвидените 85 од ЕУ и 15 отсто од буџетот. Инаку, вкупната цена на центарот за третман на отпад изнесува 48,4 милиони евра, но во тие средства се вклучени и првите две фази од проектот, односно набавка на инфрструктура и затворање на дивите депонии.



