Во Кочани се сумираат штетите од невремето, градоначалникот ги повика граѓаните да пријават штета

Локалната самоуправа на Кочани преку своите комунални редари ги сумира штетите од невремето што доцна синоќа ја зафати Општината и предизвика поплавување кај индивдидуални и стопански објекти во градот.

На прес-конференција градоначалникот Љупчо Папазов оцени дека станува збор за природна стихија чии последици ќе се отстрануваат во текот на наредните денови, при што поддршка во рамки на можностите ќе даде и Општина Кочани.

-Добиени се поголем број пријави за поплавени домови и дуќани во централното градско подрачје, за паднати столбови за напојување со електрична енергија и за телефонска комуникација, опожарување на електрични броила, оштетени моторни возила, како и кратко спојување на жици за електрична енергија што се закануваше да предизвика пожар, а го санираа припадниците нја ТППЕ – Кочани. Според првичните согледувања, најголеми штети има во подрумските и приземните простории на индивидуалните објекти за живеење, но поплавени се и простории во ОУ „Св. Кирил и Методиј“, во ресторанот „Але-дар“, дел од производствените хали во компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“, а има пријави и за штети во неколку други приватни компании, истакна градоначалникот Папазов.

Тој додаде дека на терен во текот на целиот ден се екипи на противпожарната единица, на комуналното претпријатие „Водовод“, на ЕВН и други служби, кои заедно со нашите комунални редари ги регистрираат негативните ефекти од обилните врнежи.

Во обраќањето до јавноста, градоначалникот Папазов упати апел до сопствениците на објекти кои претрпеле штета од невремето да поднесат пријава до Комисијата за проценка на штети од елементарни непогоди, најдоцна до 1 август. Заедно со пријавата треба да приложат копија од имотен лист или друг документ за докажување сопственост, копии од лична карта и трансакциска сметка, како и фотографии од настанатата штета, доколку ги имаат.

Образецот за пријавата граѓаните можат да го подигнат од едношалтерската канцеларија во локалната самоуправа или да го симнат од официјалната општинска веб-страница. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons