Македонија

Водата во Скопје е безбедна за пиење, градоначалникот пред новинарите испи чаша вода од водоводот

Водата од скопскиот водовод е безбедна за пиење, а информациите за присуство на бактерии се лажни и создаваат непотребна паника кај граѓаните, беше соопштено денеска на вонредна прес-конференција на Град Скопје.

За време на прес-конференцијата, градоначалникот побара да му донесат чаша вода директно од чешма и се напи пред присутните новинари.

„Сакам јас да се напијам пред вас и да знаете дека во Скопје водата е безбедна и дека скопјани пијат безбедна вода. Еве, ова е обична вода од чешма. Да знаат скопјани дека имаме најдобра вода, најквалитетна вода и дека и јас и моето семејство, и мојот 8 и пол годишен син ја пиеме оваа вода“, рече тој.

Од лабораторијата на ЈП „Водовод и канализација“ информираа дека секојдневно се земаат примероци од 36 локации низ Скопје. Дополнително бил земен и вонреден примерок, за кој била направена брза PCR анализа. Според презентираните резултати, не било детектирано присуство на ешерихија коли, колиформни бактерии ниту псеудомонас.

Од Град Скопје обвинија дека преку социјалните мрежи и групи на родители организирано се шират информации за наводно загадување на водата и најавија дека профилите од кои се шират ваквите тврдења ќе бидат доставени до Министерството за внатрешни работи.

„На ваков начин да пробувате да ширите паника, хистерија, јас нема да ви дозволам. И затоа ќе има соодветни постапувања. Водата од скопски водовод, освен јас што ја пијам, ја пие и моето семејство и моето дете“, порача градоначалникот.

Од лабораторијата посочија дека годишно се прават повеќе од 20.000 анализи на водата, а сите презентирани примероци ги задоволуваат критериумите утврдени со правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons