Вајц за Канал 5: Интервјуто за бугарската телевизија е старо, С Македонија забележува напредок
Изјавите во кои се зборува за оценка дека земјата нема напредок во реформите, како што вели тој, се дадени на почетокот на март и дека тогаш ја одразувале моменталната состојба
Според него, Северна Македонија бележи напредок во реформскиот процес и има дополнително време да ги исполни потребните обврски во рамки на реформската агенда до јуни
Известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц во изјава за Телевизија Канал 5 вели дека интервјуто дадено за бугарска телевизија е снимено пред повеќе од седум недели и дека не е јасно зошто е објавено дури сега.

Според него, изјавите во кои се зборува за оценка дека земјата нема напредок во реформите се дадени на почетокот на март и дека тогаш ја одразувале моменталната состојба.
„Интервјуто е од пред повеќе од седум недели и ја покажува проценката за моментумот на почетокот на март“,вели тој.
Вајц додава и дека е изненаден што интервјуто е објавено токму пред неколку дена.
„Мислам дека не е многу професионално, ни беше кажано поинаку. Без малку изненаден што е објавено пред неколку дена. Но, да за жал изгледа дека има некаква агенда зад тоа“, кажа Вајц во интевју за Канал 5.
Според него, Северна Македонија бележи напредок во реформскиот процес и има дополнително време да ги исполни потребните обврски во рамки на реформската агенда до јуни.
Во интервјуто за Канал 5, кое ќе биде објавено во текот на утрешниот ден, Вајц зборува за извештајот за напредокот на Македонија во европскиот парламент, но и за амандманот кој тој самиот го поднесе за да се направи јасна дистинкција дали протоколот потпишан со Бугарија е дел од преговарачката рамка на земјава.
Европратеникот и известувач за С Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во изјава дадена во интервју за „Еуроњуз Бугарија“ рече дека во последната година земјава не постигнала никаков напредок во спроведувањето на реформите. Тој повтори дека впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав е неопходен чекор и услов за откочување на преговорите за членство во Европската Унија, но за да започнат вистинските преговори, како што рече, владата мора да ги спроведе реформите.



