Брнабиќ: „Чекаме да се огласи Кфор“
Премиерката на Србија Ана Брнабиќ денеска изјави дека не верува во сценариото во кое косовската полиција насилно би ги отстранила барикадите на северот на Косово, како и дека не знае како да разговара за француско-германскиот предлог кога Бриселскиот договор сѐ уште не е спроведен.
Зборувајќи за барикадите на северот на Република Косово, Брнабиќ истакна дека косовската полиција не треба ни да помисли насилно да ги отстрани, бидејќи тоа би било напад врз жените и децата, постарите лица и воспитувачите кои се на нив.
„Јас не верувам во вакво сценарио. Има доволно разум од страна на меѓународните актери, пред се Кфор“, изјави премиерката одговарајќи на новинарски прашања. Таа укажа на добрата соработка со Кфор, како и дека се покажала сериозност затоа што сѐ уште го разгледуваат барањето на Србија за враќање на дел од силите на Косово и Метохија според резолуцијата 1244.
„Очекуваме Кфор да се огласи. Трпеливо. Верувам дека ќе кажат нешто “, истакна таа.