Актуелно

„Безбеден град“ и во Охрид, засега камерите само снимаат

Камерите од системот „Безбеден град“ почнаа да се поставуваат и во охридскиот регион, но засега нема да изрекуваат казни. Од СВР Охрид информираат дека во функција се ставени безбедносни камери на автопатската делница кај Ново Село во општина Дебрца, каде што се спроведува финална техничка проверка и тестирање на системот.

Според полицијата, современиот систем за сообраќаен надзор „Безбеден град“ (Safe City), кој на национално ниво официјално започна со работа на 1 февруари годинава, постепено се воведува и на подрачјето што го покрива СВР Охрид.

По вчерашното финално тестирање, стручни екипи ги активираа камерите на автопатскиот потег кај Ново Село, а во следниот период се очекува системот да профункционира и на делницата меѓу селата Горенци и Требеништа, како и на останатите пофреквентни сообраќајници и на Коридорите 8 и 10.

Од СВР Охрид нагласуваат дека уредите во моментов не вршат санкционирање на возачите, бидејќи се наоѓаат во завршна фаза на техничка проверка. Според најавите, системот ќе овозможи постојан и засилен надзор на сообраќајот, детектирање на прекршоци, подобрување на сообраќајната дисциплина и намалување на бројот на сообраќајни незгоди.

Полицијата апелира до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, особено ограничувањето на брзината на делницата кај Ново Село, каде што максимално дозволената брзина изнесува 100 километри на час.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons