Австрија на чекор до забрана на социјалните мрежи за деца под 14 години — приватноста на податоците е новиот проблем
Австрискиот предлог за ограничување на социјалните мрежи за деца под 14 години има широка поддршка како мерка за заштита на малолетниците, но јавната расправа отвори сериозни дилеми околу проверката на возраста, заштитата на личните податоци и можниот опфат на месинџер-услугите.
Во понеделник завршува јавната расправа во Австрија за предлог-законот со кој треба да им се ограничи пристапот до социјалните мрежи на децата помлади од 14 години. Досега се пристигнати повеќе од 160 мислења од организации, институции, од властa и од граѓанитe. Иако предлогот за поголема заштита на децата во дигиталниот простор наиде на широка поддршка, во јавната расправа се отворија и сериозни прашања за проверката на возраста, заштитата на личните податоци и тоа кои услуги ќе бидат опфатени.
Поддршка за заштита на децата, но и барања за поширока регулација
Предлогот предвидува измени во Законот за аудиовизуелни медиумски услуги. Со овој закон треба да се зајакне заштитата на лицата помлади од 14 години од штетни содржини и функции на платформите кои поттикнуваат прекумерна и зависничка употреба. Дополнително, би се прошириле надлежностите на Комуникациската управа Австрија.
Австрискиот сојуз на психолози го поздрави предлогот, оценувајќи дека ограничувањето на пристапот за деца под 14 години претставува значаен чекор во заштитата на младите во чувствителна развојна фаза. Поддршка даде и Променте, организација која работи во областа на менталното здравје и психосоцијална поддршка, додека Мрежата за детски права Австрија позитивно гледа на пристапот кој се фокусира на одредени функции на платформите, наместо само на целосна забрана.
Сепак, стручната служба за превенција од зависности ВИВИД предупредува дека границата од 14 години не е доволна за заштита од зависничко користење на дигиталните платформи. Според нив, развојот на мозокот продолжува и во дваесеттите години, поради што е потребен постепен систем на заштита и за младите меѓу 14 и 18 години. Сличен пристап застапува и АРГЕ, работната заедница на австриските служби за превенција од зависности.
Месинџерите и зависничките функции под надзор
Една од дилемите во јавната расправа е дали новите правила треба да ги опфатат и услугите за размена на пораки. Во стручните мислења се укажува дека дел од нив користат известувања, награди и други механизми кои ги поттикнуваат корисниците почесто да ги отвораат апликациите и да поминуваат повеќе време на нив.
Затоа се бара месинџер-услугите да не бидат автоматски исклучени од регулацијата, особено кога користат функции слични на оние на социјалните мрежи. Дополнително, се предлага независно и редовно да се проверува ефикасноста на системите за утврдување на возраста, како и можностите тие да бидат заобиколени.
Институтот за мрежи и безбедност при Универзитетот Јоханес Кеплер во Линц оди и чекор понатаму. Оттаму оценуваат дека зависничките ефекти не се ограничени само на децата под 14 години и предлагаат регулирање на таквите функции на платформите воопшто, без оглед на возраста.
Проверката на возраста отвора прашања за приватноста
Најсериозните забелешки се однесуваат на начинот на кој ќе се проверува возраста. Уставната служба при Сојузната канцеларија предупредува дека предлогот значително навлегува во правата на децата и слободата на комуникација. Особено важна, според службата, ќе биде пропорционалноста на мерката и начинот на кој ќе биде уредена проверката на возраста.
Дополнителна дилема е што проверката би се однесувала на сите корисници на платформите кои ќе бидат обврзани да спроведуваат контрола. Уставната служба посочува дека поради значењето на анонимноста на интернет, системот мора да биде уреден така што ќе биде во согласност со уставните права.
Слични забелешки има и Советот за заштита на податоците, кој бара појаснување на правната основа за обработката на личните податоци и колку долго тие би смееле да се чуваат. Организацијата „Епицентар.воркс“ предупредува дека мерката би можела да создаде ситуација во која забраната за дел од населението фактички би довела до дигитална проверка на сите.
Заштитата на децата затоа не е единственото прашање што го отвора предлогот. Во центарот на јавната расправа се најдоа и приватноста, анонимноста на интернет, правото на комуникација и начинот на кој државата и платформите ќе утврдуваат кој има право на пристап.



