Македонија

Над 200 камери ќе се поставуваат низ Скопје против дивите депонии и вандализмот во парковите

Повеќе од 200 камери се планира да бидат поставени на критични точки низ Скопје, на места каде што се создаваат диви депонии и во паркови кои се цел на вандализам, најави денеска градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

За нивното поставување, како што посочи градоначалникот, се чека уште финално одобрување од страна на Агенцијата за заштита на личните податоци.

-Сега го чекаме финалното одобрување од Агенцијата за заштита на личните податоци. Повеќе од 200 камери ќе поставиме на критични точки низ Град Скопје. Ќе бидат опфатени места каде што се создаваат депонии и паркови кои постојано се под удар – рече Ѓорѓиевски.

Како еден од главните примери за уништување на градската опрема, Ѓорѓиевски ја посочи обновената фонтана „Лотос“ во Градскиот парк и постојаното оштетување на околните клупи со графити.

Ја обновивме по толку години, прекрасно изгледа и тоа е еден од препознатливите белези на Град Скопје. Откако ја обновивме, трипати досега со графити ги исцртуваат клупите што постојано ги бојадисуваме преку нашето јавно претпријатие, рече Ѓорѓиевски.

Тој потенцираше дека наместо средствата да се трошат за континуирано санирање на штетите, истите пари можат да се искористат за изградба на нови зелени површини низ сите скопски општини.

Град Скопје не е на Орце, ниту на некоја политичка партија. Градот е на сите скопјани и како што си го чуваме својот дом, така треба да си го чуваме и градот, истакна Ѓорѓиевски.

Градоначалникот информираше дека во завршна фаза е изградбата на паркот во Бутел на 86.000 квадратни метри каде претходно имало депонија, а се работи и на паркови во Карпош (над 70.000 м²) и Аеродром (околу 100.000 м²).

Ако ние само ги исчистиме тие места, тоа според мене е недоволно. Треба да им дадеме нова содржина на локациите кои во минатото биле мета за создавање диви депонии, рече Ѓорѓиевски.

Во однос на депонијата Вардариште, тој појасни дека станува збор за простор од над 600.000 квадратни метри каде следува деконтаминација со владина поддршка.

Верувам дека од пролет би започнале со постапка за уредување на тој простор, за таму да никне еден нов парк од вакви размери за Град Скопје, нагласи скопскиот градоначалник Ѓорѓиевски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons