Македонија

Ќе се градат две катни гаражи на Клинички, цените за паркирање ќе останат исти

Градот Скопје и официјално го зема под закуп паркингот на Клинички. Ѓорѓиевски и Алиу ставија потпис на договорот. Со ова се отвора патот за изградба на катни гаражи во најголемиот здравствен комплекс. Договорот е склучен на 15 години, а Градот Скопје на државата ќе ѝ плаќа закупнина од 10 проценти од вкупниот промет.

Ќе се изградат две катни гаражи со најмалку 500 паркинг места. Доколку се покаже дека има потреба од уште простор, можно е да се изгради и трет монтажен паркинг. Според најавите, двата паркинга би требало да бидат готови и пуштени во употреба до втората половина на следната година.

– Ние ги имаме утврдено двете локации. Едната е на паркингот кај Гинекологија, а втората е кај црквичката тука на големиот простор. Цените нема да бидат променети, ќе останат исти. За одредени категории наши сограѓани, кои имаат одредени дијагнози ќе има целосно ослободување – кажа градоначалникот на Скопје, Ѓорѓиевски.

Инвестицијата е вредна 3 милиони евра. Парите ќе се обезбедат преку ребаланс градската каса во четврток. Веднаш потоа ќе биде распишан тендерот.

Очекувањата се дека проектот ќе донесе модернизација на целиот систем на паркирање. 

– Ќе биде имплементиран и т.н паметен паркинг систем со интегрирани сензори на секое паркинг место за детекција на слободни места, камери со автоматска регистрација на возила и мобилна апликација за информации, резервации и плаќање, како и поврзување со фискален систем и е-управување – истакна министерот за здравство, Алиу.

Хаосот со паркирањето на Клинички е стар проблем кој се влече со години. Се најавуваа многу проекти, но досега ништо не се направи. Последниот обид пропадна откако претходниот министер Таравари го поништи тендерот затоа што се пријави само една фирма од Албанија и предлагаше да плаќа само еден отсто од годишниот профит. Тоа наиде на големи критики кај јавноста. 

– Во минатото никој не дошол до ваков договор. Затоа што имале други цели. А другите цели биле да нешто се уништи за да може да се даде на приватен инвеститор, како што и обично била праксата во нашата држава за да може некој да профитира на грбот на граѓаните. Време е да го промениме тој систем на практицирање на власта – рече Ѓорѓиевски. 

На Клинички сега има околу илјада паркинг места кои не се доволни, па постојано има гужви од автомобили кои кружат за да најдат простор.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons