Актуелно

ЈО лани користело тајни мерки во 44 нови случаи, биле опфатени 365 лица

Јавните обвинители во текот на минатата година издале наредби за примена на посебни истражни мерки во 44 нови случаи, покажува најновиот извештај за користење на овие мерки. Дополнително, во 2025 година продолжиле да се применуваат и мерки во уште четири случаи кои биле започнати претходната година.

Според извештајот, посебните истражни мерки биле користени за вкупно 365 лица, од кои три биле со неутврден идентитет. Мерките биле применувани во предмети поврзани со различни кривични дела, меѓу кои убиства, трговија со дрога, перење пари, злоупотреба на службената положба, злосторничко здружување, криумчарење мигранти, трговија со луѓе и деца, како и дела поврзани со тероризам.

Во споредба со 2024 година, кога вакви мерки биле применети во 35 случаи, лани е забележано зголемување. Сепак, бројот е значително помал од 2023 година, кога биле регистрирани 87 случаи со примена на посебни истражни мерки.

Во извештајот се наведува дека кај најголем дел од предметите биле постигнати очекуваните резултати. Успешноста на мерките, според документот, се оценува преку понатамошниот тек на постапката, односно дали по нивната примена е отворена истрага, поднесено обвинение или донесена осудителна пресуда.

Најчесто користена мерка било следење и снимање на лица надвор од нивниот дом. Таа била применета во 33 случаи, а со неа биле опфатени 107 лица, од кои едно со неутврден идентитет. Во најголем број случаи следењето траело од еден до два месеца, додека во 12 случаи мерката сè уште била во тек.

Следење и снимање на телефонски и други електронски комуникации било наредено во 28 случаи. Со оваа мерка биле опфатени комуникациите на 140 лица. Во седум случаи мерката сè уште траела, додека во дел од предметите следењето на комуникациите траело од еден до два месеца. Во три случаи мерката траела шест месеци, а во четири случаи до осум месеци.

Тајно следење и снимање во дом, друг простор или возило било користено во два случаи. Според извештајот, една таква мерка сè уште била активна, а во останатите случаи траела од четири до седум месеци. Овие мерки биле поврзани со предмети за дрога, перење пари, злосторничко здружување и дела поврзани со тероризам.

Во шест случаи била применета мерката симулирано давање и примање поткуп. Таа се однесувала на 13 лица. Исто така, во шест случаи биле користени лица со прикриен идентитет, кои се инфилтрирале во организирани криминални групи со цел собирање информации, следење и документирање на незаконски активности.

Најголем дел од посебните истражни мерки биле применети од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Ова обвинителство лани водело 20 предмети во кои биле користени вакви мерки, од кои 18 биле нови, а два продолжиле од претходната година. Во тие предмети биле опфатени 335 лица со утврден идентитет.

На подрачјето на Скопје посебни истражни мерки биле користени во 19 случаи, од кои 16 биле започнати во 2025 година, а три биле од претходно. Со нив биле опфатени 16 лица. На подрачјето на Вишото јавно обвинителство Битола биле регистрирани шест случаи со седум лица, додека на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Штип имало четири случаи за четири лица.

Според извештајот, на подрачјето на Вишото јавно обвинителство во Гостивар лани не била применета ниту една посебна истражна мерка.

Посебните истражни мерки се применуваат во случаи кога доказите не можат да се обезбедат на друг начин или кога станува збор за посложени истраги. Законот дозволува во еден предмет да се користат повеќе различни мерки, во зависност од кривичното дело, бројот на лица и потребите на истрагата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons