Црна Гора прифати еден од хрватските услови – се менува името на базенот во Котор
Хрватска инсистира отворените прашања да се решаваат во рамките на европскиот пат на Црна Гора, додека Подгорица порачува дека е подготвена за дијалог, но смета дека билатералните спорови не треба да го забавуваат пристапувањето кон Европската Унија.
Црна Гора со усвојувањето на измените на Законот за спорт го отвори патот за промена на името на градскиот базен „Зоран Џими Гопчевиќ“ во Котор, што е едно од барањата на Хрватска во решавањето на отворените прашања меѓу двете држави.
Собранието на Црна Гора доцна во вторникот ги усвои измените на законот со кои, меѓу другото, се пропишува дека спортските објекти можат да носат имиња на лица од чија смрт поминале најмалку 40 години.
Од смртта на ватерполистот Зоран Гопчевиќ, за кого поранешните затвореници тврдат дека бил чувар во логорот Морињ, поминале 26 години.
Со новото законско решение е предвидено и називите на спортските објекти да престанат да важат доколку не се во согласност со пропишаните услови. Тоа значи дека базенот во Котор, по објавувањето на законот во Службениот весник и спроведувањето на соодветните процедури, ќе престане да го носи името на Гопчевиќ.
Според пишувањето на подгорички Вијести, промената на името на базенот сега се решава со закон на државно ниво, откако локалните власти во Котор не успеале да обезбедат доволно гласови во општинскиот совет. Со новите законски одредби, базенот повеќе нема да може да го носи името на Зоран Гопчевиќ, бидејќи од неговата смрт не поминале задолжителните 40 години.
Хрватска го блокираше затворањето на преговарачко поглавје
Загреб претходно не даде согласност за затворање на преговарачкото поглавје 31, кое се однесува на надворешната, безбедносната и одбранбената политика.
Хрватска, меѓу другото, бара враќање на имотот одземен од Хрвати во Црна Гора, обесштетување на поранешните затвореници од логорот Морињ, расветлување на судбината на исчезнатите за време на војната во Хрватска, како и промена на името на базенот во Котор.
Парламентот на Котор во август 2021 година одлучи базенот да го именува по Зоран Гопчевиќ, кого локалните власти го претставија како еден од најдобрите црногорски ватерполисти.
Одлуката предизвика остри реакции од Загреб поради тврдењата дека Гопчевиќ бил чувар во логорот Морињ. Поради тоа, хрватските ватерполо-клубови и репрезентацијата одбиваа да играат натпревари на тој базен.
Црна Гора сака да влезе во ЕУ до 2028 година
Црна Гора во моментов е најнапредниот кандидат за членство во Европската Унија. Неодамна привремено затвори уште три преговарачки поглавја, со што нивниот вкупен број достигна 21 од вкупно 33.
Властите во Подгорица планираат пристапните преговори да ги завршат до крајот на 2026 година, за Црна Гора во 2028 година да стане 28. членка на Европската Унија.
Односите меѓу Подгорица и Загреб, покрај прашањето за которскиот базен, ги оптоваруваат и споровите околу сопственоста на школскиот брод „Јадран“, разграничувањето на Превлака, враќањето на имотот и военото наследство.
Хрватска инсистира отворените прашања да се решаваат во рамките на европскиот пат на Црна Гора, додека Подгорица порачува дека е подготвена за дијалог, но смета дека билатералните спорови не треба да го забавуваат пристапувањето кон Европската Унија.



