Центар, Карпош и Aеродром со рекoрдни цени на становите – oчекувањата се дека цените ќе се стабилизираат
Во првото тромесечје од годинава пазарот на недвижности бележи пад и во делот на продажба и во делот на закупи. Но, градежниците сметаат дека треба да се почекаат податоците до средината на годината за да се каже каков ќе биде трендот.
„Евидентно е дека оној раст кој го имавме почнува да паѓа и куповната моќ на населението се намалува“, изјави Андреја Серафимовски, претседател на Здружението на градежништво, индустријата на градежни метали и неметали.
Според последните податоците на Катастар, најскапи се становите во општина Центар, по што следуваат Карпош и Аеродром. Граѓаните категорични дека со овие плати и пензии е невозможно да се купи стан.
„За овој простор каде што живееме сметам дека цените се многу високи. Не знам како се купува стан од три илјади евра. Со редовни плати и чесно работење тешко“
„Во однос на квалитетот и тоа што се нуди цените се многу високи“
„Имаме премногу празни станови, а превисоки цени. За Македонија тоа искрено не е издржливо да бидат три илјади евра за квадрат“
„Тешки времиња идат. Не знам. За нас повозрасните веќе се знае, ама за младите нешто да купат или да направат ако немаат подршка од фамилијата е многу тешко. Затоа и младите си одат надвор од државата“
Во општина Центар евидентна е градежна експанзија, велат градежниците, но очекувањата се годинава да се изедначат понудата и побарувачката на станови.
„Се додека не се израмнат понудата и побарувачката нагорниот тренд ќе расте. Понудата сега е поголема во однос на минатата година“, додаде Серафимовски.
Очекувањата се дека цените на недвижностите ќе се стабилизраат, но на кое ниво ќе зависи од побарувачката на станови. Само во првите три месеци од годинава за купување на станови се потрошени 275 милиони евра, а направени се закуши во износ од 1,1 милиони евра.



