Хориха: Македонија ја чувствувам како своја земја, ја чувствувам љубовта од навивачите
Новопечениот македонски репрезентативец Дмитро Хориха не го крие задоволството од приемот во националниот тим и поддршката што ја добива од навивачите. Тој истакна дека Македонија ја чувствува како своја земја и дека му претставува огромна чест да го носи репрезентативниот дрес.
„Пресреќен сум и навистина воодушевен од пречекот во Македонија. По натпреварот имаше многу навивачи, ја чувствувам нивната љубов и поддршка. Македонија ја чувствувам како своја земја и огромна чест ми е што го носам овој дрес“, порача Хориха.
Тој додаде дека соиграчите одлично го прифатиле и покрај краткиот период поминат во репрезентацијата, а верува дека со текот на времето тимската хемија ќе биде уште подобра.
По убедливата победа на последниот натпревар, фокусот веќе е насочен кон следниот предизвик – гостувањето во Грција, каде македонската репрезентација ќе патува со јасна цел.
„Овој дуел го оставаме зад нас, сега сме целосно насочени кон гостувањето во Грција, каде што одиме по нова победа“, истакна Хориха.



