ФИФА објави: Мундијалот во 2030 во шест земји, Саудиска Арабија ќе биде домаќин во 2034 година
Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) објави каде ќе се одржуваат Светските првенства во 2030 и 2034 година.
Светското првенство во фудбал во 2030 година ќе се одржи во Шпанија, Португалија и Мароко. Ова издание на натпреварот ќе се одржи точно 100 години по првото.
Интересно е што покрај овие земји, поради стогодишнината од Мундијалот, три натпревари ќе се одиграат во Јужна Америка, по еден во Аргентина, Парагвај и Уругвај.
Светското првенство четири години подоцна ќе се одржи во Саудиска Арабија, што значи дека по Катар во 2022 година, Блискиот Исток повторно ќе биде домаќин на најголемиот спортски настан во светот во 2034 година.
Ова е резултат на бројните напори на Саудиска Арабија со принцот Мохамед бин Салман, кој вложи огромни финансиски средства, што донесе бројни контроверзии.
Саудиска Арабија немаше противкандидат откако Австралија уште пред неколку месеци објави дека нема да испрати апликација за организација на Мундијалот. Интересно е тоа што арапската земја пријави 15 стадиони за турнирот, но досега има изградено само четири.