МакедонијаНајново

Финансиската полиција поднесе повеќе кривични пријави за злоупотреби во јавната набавка

Со кривични пријави ќе се соочат повеќе лица за злоупотреби во јавните набавки. 

– Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против лицата Н.И., Б.Г. во својство на управители на правни лица, против две правни лица, како и против пет лица вработени во Агенција за управување со одземен имот Ф.А., Г.А., П.К., Ф.Ј. и А.Б., поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело “Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство” од член 275-в од КЗ на Република Северна Македонија, информираа од „Финансиска полиција“. 

Пријавените Н.И. и Б.Г., како управители на две правни лица, во текот на 2021 година свесно и со однапред утврдена намера ги повредиле прописите на постапката за јавен повик и доделување на договор за јавна набавка, со претходен договор и координирани дејствија ја нарушиле конкуренцијата во постапката за продажба на хаварисани возила – старо железо, организирана од Агенцијата за управување со одземен имот.

Едниот правен субјект бил прикажан како формален конкурент, при што во текот на јавното наддавање била доставена понуда со намерна техничка грешка во нереален паричен износ, со што на останатите учесници им било оневозможено понатамошно наддавање.

– Пријавените Г.А., П.К. и Ф.Ј., како членови на комисијата за спроведување на постапката, спротивно на законските одредби предвидени во Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, а врз основа на подзаконски акт и правно мислење изготвено од А.Б., свесно помогнале во реализација на оваа договорена шема и овозможиле склучување договор за продажба на одземени хаварисани моторни возила како старо железо помеѓу Агенцијата за управување со одземен имот, претставувана од Ф.А., и правниот субјект управуван од Н.И. со што на правниот субјект му овозможиле да се стекне со противправна имотна корист во износ од 2.128.352 денари, појаснуваат од Управата. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons