МакедонијаНајново

Тутунот достигна рекордна просечна цена од 285 денари за килограм 

Годинава тутунопроизводителите ги рушат рекордите и испишуваат историја на досега највисока просечна откупна цена од 285 денари за килограм, што претставува зголемување за повеќе од 40 отсто во однос на минатогодишната. Откупот на тутун од реколтата 2022 година тече интензивно во сите 200 откупни пунктови, кои се навремено отворени на целата територија, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

Според МЗШВ, за годинешната реколта откуп вршат вкупно 10 регистрирани откупни претпријатија на 200 откупни пунктови со 223 ваги и 216 мостри тутун. Досега се откупени 16.5 милиони килограми од вкупно произведени 25.850 тони.  Според информациите од Државниот инспекторат за земјоделство ДИЗ, се очекува откупот да биде целосно завршен пред Нова Година, со што првпат во историјата сите тутунопроизводители на своите сметки ќе ги добијат парите пред новогодишните празници.

-Аналогно на рекордно високата откупна цена која заборува за квалитетен тутун од годинешната реколта, тоа значи дека и субвенциите по класи ќе бидат најголеми до сега. Склучени се вкупно 29.653 договори за производство и откуп на тутун што претставува зголемување од седум проценти во однос на реколта 2021 година. Зголемување имаме и на површините со тутун за 14 проценти повеќе споредено со лани, се вели во соопштението од МЗШВ. 

Како што нагласуваат од Министерството, производството и трговијата на тутун и тутунски производи има големо економско и социјално значење со учество од 3,8 отсто во бруто домашниот производ. Тутунот е застапен со високи 80 проценти од вкупната површината под индустриски култури и претставува еден од најзначајните извезувани земјоделски производи со 18 отсто учество во домашниот извоз. 

Според тутунските компании земјава има најквалитетен тутун во регионот. Од тутунот годишно државата остварува околу 140 милиони евра девизен прилив и како сектор вработува над 20 илјади семејства.

Субвенциите не се единствениот начин на поддршка, туку и другите мерки на министерството. Оваа година за прв пат се доделени договори на 29 корисници за набавка на модерна опрема за тутун, преку Програмата за рурален развој, Подмерка 121.7 „Набавка на опрема за производство на тутун“, со финасиска поддршка по корисник која изнесува 4.5 милиони  денари. Ова е уште еден податок за нашиот сериозен пристап кон производството на тутун, имаме за прв пат реализација на подмерката насочена токму кон тутунопроизводителите, потенцираат од МЗШВ.

Со новата рурална програма, велат, имаме нови можности за тутунопроизводителите кои ќе можат да аплицираат за новата мерка за бизнис план, која ќе стартува од 2023 година. Со оваа мерка предвидена е финансиска поддршка до 10.000 евра по корисник. Тутунопроизводителите имаат доволно време да направат бизнис план и со поддршка на државата да набават нови машини за садење и нижење на тутунот, како и нови сушари или друга опрема која ќе им го олесни производството. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons