ТРАУМАТА НА ГЛАВАТА И ПРЕКИН НА МОЗОЧНИТЕ НЕУРОНИ ПРИЧИНА ЗА СМРТТА НА ТОТ: Почна судењето за убиството на хрватскиот ракометар
На денешното, прво рочиште од процесот, обвинителката Тања Трајчевска го даде воведниот говор на Обвинителството во кој го образложи обвинителниот акт со кој го опиша настанот во кој хрватскиот ракометар, Денис Тот, беше претепан до смрт пред ноќен клуб во градскиот парк во Скопје.
– Од сите тие удари оштетениот се здобил со повеќе повреди, како и тешки телесни повреди и како резултат на сите тие повреди кај оштетениот настанала коматозна состојба. Истиот веднаш бил пренесен во Ургентниот центар во Клиничкиот центар Мајка Тереза, рече таа.Дополни дека како резултат на повредите и настанатата траума на главата дошло до пореметување и прекин на мозочните неурони кое резултирало со смртен исход на 8 април 2022 година во 11:40 часот.
– Со ваквите докази сметам дека ќе докажеме дека обвинетите го сториле кривичното дело на начин време и место како е опишано во обвинителниот акт, рече Трајчевска.
На денешното рочиште тројцата обвинети изјавија дека го разбираат обвинението кое им се става на товар и изјавија дека не се чувствуваат виновни во врска со истото.
Воведните зборови на одбраната се одложија за наредното рочиште поради барање на еден од бранителите.Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а наредното рочиште е насрочено за 14 септември.