Тешка е борбата на пожарникарите со огнот во Дрисла, денес ќе се затрупува каде што чади
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов во изјава за медиумите денес рече дека пожарникарите цела ноќ се обидувале да го изгаснат пожарот во Дрисла. Гаснењето со вода не функционирало, па сега запалениот дел од депонијата ќе се затрупува.
„Скопските пожарникари цела ноќ се обидуваа да го изгаснат пожарот којшто вчера изби на депонијата Дрисла во Скопје. За жал гаснењето со вода не даваше резултати поради што се пристапи со затрупување на депонијата. Бидејќи е прогласена кризна состојба на територија на цела држава поради пожарите кои ја зафатија земјава, денес надлежноста за депонијата ја презема главниот штаб за управување со кризи. Од тие причини дадовме задача да се започне со агресивно затрупувањена делот од депонијата Дрисла каде што го има најголемото чадење, односно делот каде се одвива горењето. Очекувам до попладневните часови затрупувањето да биде целосно завршено и чадењето кое од вчера попладне предизвикува силни непријатности кај граѓаните, да застане“, изјави Ангелов.
Според сознанијата кои ги имаат, рече дека пожарот е поднетнат.
„Имаме индиции дека се работи за намерно подметнат пожар, бидејќи во текот на летото во кое имавме рекордно високи температури, не дојде до самозапалување на оваа депонија, а сега кога температурите, а особено ноќните, се далеку пониски имаме ‘самозапалување’ на оваа депонија. Денес управувачкиот комитет за управување со кризи и предложи на Владата да донесе одлука за забрана за движење во депонијата Вардариште. Оваа депонија ќе биде обележена и движењето близу неа ќе биде казниво. На тој начин ќе спречиме злонамерници да се движат во оваа депонија и намерно да ја потпалат“, додава Ангелов.
Тој потсети дека МВР има поднесено кривични пријави против три лица кои управувале со отпади.
„Да потсетам дека од МВР се поднесени кривични пријави против три лица кои веќе се наоѓаат во затвор, а кои управувале со диви отпади на кои вршеле откуп на метали кои биле добиени преку процес на топење на кабли на депонијата Вардариште. Ова се мерките кои до сега се преземени од Владата и владините институции за да се избегнат нови пожари. Секојдневно на Вардариште специјални возила на ДЗС вршат дотур на вода“, појаснува директорот на ДЗС, Ангелов.
Од Центарот за управување со кризи денес соопштија дека сè уште е активен пожарот на депонијата Дрисла, што избувна вчера во 15:15 часот. Во централниот дел на депонијата гори поголема количина отпад, при што се испушта густ чад кој се чувствува и во пошироката околина.