Стигнаа резултатите од анализата на водата на капалиштата во Европа
Од анализираните земји, Кипар се покажа како најдобар со 100 проценти совршен квалитет на водата за капење, а Албанија беше најлоша, со само 16,8 проценти од 119 следени локации оценети како локации со одличен квалитет на водата.
Поголемиот дел од водите за капење во Европа ги исполнија најстрогите стандарди на Европската унија за „одличен“ квалитет на водата за капење во 2025 година, покажува најновиот годишен извештај за квалитетот на водата за капење.
Тоа претставува 85 проценти од сите капалишта во Европа, додека 96 проценти од сите локации што биле следени во ЕУ ги задоволиле минималните стандарди за квалитет, а само 1,5 процент биле оценети како „лоши“. Податоците исто така покажуваат дека вкупниот квалитет на водите за капење низ Европа останал стабилен во однос на претходната година.
Највисок процент на води за капење оценети како одлични по квалитет е забележан во Австрија, Бугарија, Кипар и Грција, каде што резултатот изнесува 95 или повеќе проценти.
Кипар го зазеде првото место во Европската унија по квалитетот на водите за капење, покажува најновиот извештај на Европската агенција за животна средина.
Грција втора, па Бугарија
Грција е на второ место со дури 97,1 процент од локациите оценети како одлични, од вкупно 1.734 анализирани.
Некои ќе бидат изненадени што следуваат Бугарија со 96,9 проценти, Австрија со 96,5 проценти и Луксембург со 94,1 процент.
Меѓу медитеранските земји, Италија се рангираше на осмото место со 89,8 проценти од локациите оценети како одлични, Малта деветта со 88,5 проценти, а Шпанија на 11-то место со 86,6 проценти.
Податоците се засноваат на 22.289 примероци собрани во текот на 2025 година на места за капење во земјите од Европската унија, како и во Албанија и Швајцарија.
Хрватска се најде на 12-то место со 86,2 проценти одлични води за капење, што сепак е значителен пад – во претходните години беше на самиот врв, со над 95 проценти, а минатата година беше на 5-то место.
Словенија, со своето мало парче море, но и реки и езера, се покажа уште полошо, со 75,5 проценти одлична вода.
Албанија е на дното на листата, со само 16,8 проценти од 119 следени локации оценети како локации со одличен квалитет на водата, а проблемите се особено изразени во некои поголеми крајбрежни подрачја, вклучувајќи ги Саранда, Валона и Драч.
Ова е прилично лош резултат, имајќи предвид дека меѓу членките на ЕУ, Естонија и Полска ги забележаа најлошите резултати, со 56,9 односно 58,7 проценти од местата за капење оценети како одлични.



