МакедонијаНајново

ССМ: Штрајк ќе има, ќе обезбедиме 10 проценти работа државата да не застане 

Сојузот на синдикати на Македонија соопшти дека согласно со правилата за време на генералниот штрајк што го најавија во јавниот сектор за 22 јуни ќе обезбедат расположив капацитет од 10 проценти од вработените во овој сектор. Станува збор за производно одржувачки и нужни работи кои не смеат да се прекинуваат ниту за време на штрајк. Ќе се штрајкува на работното место, а од 10 до 11 часот ќе се излезе на место видливо за работодавачот.

„Сојузот на синдикатите на Македонија најави генерален штрајк во цел јавен сектор. За жал, до денеска, кога се одржа седница на Штрајкувачкиот одбор и Претседателството на ССМ, работодавачот, иако има законска обврска,  согласно Законот за работни односи, нема доставено предлог заедно со синдикатот спогодбено да се подготват и донесат правилата за производно одржувачки и нужни работи кои не смеат да се прекинуваат за време на штрајк“, наведува ССМ во соопштение.

Сојузот на синдикатите имајќи предвид дека води сметка и во сложени услови на генерален штрајк да бидат запазени правилата со цел за вршење на работите кои се неопходно потребни заради спречување на загрозување на животот, личната сигурност или здравјето на граѓаните (нужни работи), на денешната седница, Штрајкувачкиот одбор – Претседателството на ССМ, утврдува правила за производно одржувачки и нужни работи кои не смеат да се прекинуваат за време на штрајк.

„Минимум од процесот на работа за овозможување обновување на работата по завршување на штрајкот (производно одржувачки работи), односно со цел за вршење на работите кои се неопходно потребни заради спречување на загрозување на животот, личната сигурност или здравјето на граѓаните (нужни работи) се:

-за извршување на административно технички работи со расположлив капацитет од 10 проценти од вработените во јавен сектор
-заради спречување на загрозување на животот со 10 проценти од вработените во јавниот сектор и кои ракуваат со механизацијата и основните средства
-заради спречување на загрозување на личната сигурност со 10 проценти од вработените во јавниот сектор и кои ракуваат со механизацијата и основните средства
-заради спречување на загрозување на здравјето на граѓаните со 10 проценти од вработените во јавниот сектор и кои ракуваат со основни средства минимум непречено извршување на функциите за да не се попречуваат итните постапки

-Вработените во јавен сектор покрај тоа што ќе штрајкуваат со прекин на работниот процес на своите работни места во работно време, видливо од 10 до 11 часот ќе застанат и надвор пред просториите на работодавачот. Правилата за работите кои не смеат да се прекинат за време на штрајк се однесуваат за цел јавен сектор, а вработените во јавниот сектор да се придржуваат кон вака утврдените правила. Штрајкувачкиот одбор – Претседателството на ССМ е во постојано заседавање и за сите промени навремено ќе информира“, најавуваат од ССМ.

Штрајкот, како што соопштија претходно, се организира за заштита на економските и социјалните права и остварување на барања од работен однос – склучување општ колективен договор за јавен сектор со утврдено зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2.806 денари во нето износ, согласно зголемувањето на минималната плата објавена во Службен весник од 24 февруари 2022 година и утврдено право на регрес за годишен одмор во висина од 30 до 100 проценти од основицата.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons