Свет

Србија доби еден од најобразованите парламенти во светот – пратеничките клупи ги пополнија доктори на науки, лекари и професори

Србија доби еден од најобразованите парламенти во светот, оценува угледното научно списание „Science“, кое посвети текст на новиот состав на Народното собрание по победата на Студентската листа на парламентарните избори одржани на 25 октомври.

Меѓу новоизбраните пратеници има астрофизичари, хемичари, инженери, лекари, економисти, универзитетски професори и други научници. Според „Science“, повеќе од половината претставници на победничката Студентска листа имаат докторат од науки или диплома за доктор по медицина, што го прави новиот собраниски состав исклучително интересен и за меѓународната академска заедница.

Студентската листа освои 140 од вкупно 250 пратенички места, со што обезбеди апсолутно мнозинство во Собранието. Нејзината победа означи голема политичка промена во Србија, по повеќегодишното владеење на Српската напредна партија на Александар Вучиќ.

Меѓу новите пратеници има истражувачи кои досега работеле на проучување на галаксиите, природните науки, медицината и образованието. Дел од нив за првпат влегуваат во политиката, а зад себе имаат долгогодишни академски и научни кариери.

Научното списание посочува дека влегувањето на толкав број претставници од академската заедница отвора можност за промени во образованието, науката и функционирањето на државните институции.

Новиот состав на српското Собрание ја одржа својата прва седница на 17 ноември, кога пратениците од Студентската листа ги презедоа мандатите. Сега пред нив е предизвикот академското знаење и професионалното искуство да ги преточат во конкретни политички одлуки.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons