Спиењето со кучиња во ист кревет не го влошува сонот
Многу сопственици на домашни миленици спијат со своите миленици, дури и ако имаат чувство дека поради тоа често се будат. Сепак, истражувачите заклучиле дека кучињата и нивните сопственици навистина си го нарушуваат сонот во текот на ноќта, но веројатно и едните и другите сепак спијат прилично добро. Дури е веројатно дека сопствениците ги будат своите миленици почесто отколку обратно.
Како социјални животни што живеат во глутници, кучињата генерално претпочитаат да спијат блиску едно до друго, пренесува Шпигел. Во природата, таквото однесување има смисла бидејќи ја зголемува веројатноста секој поединец да почувствува закана или опасност и да ги предупреди другите.
Покрај овој заштитен ефект, постојат и други фактори, како што се задржувањето на топлината и зачувувањето на телесната енергија.
Тим научници предводен од Минг Феи Ли и Лаванија Нагендран од Универзитетот во Торонто ги анализирал ноќните активности на 25 лица – 21 жена и четворица мажи – и нивните 38 кучиња. Не сите кучиња што биле проучувани, хаски и маламути на возраст меѓу две и дванаесет години, спиеле во кревети со луѓе, но кога го правеле тоа, зафаќале многу простор. Квалитетот на сонот бил анализиран во текот на приближно четири недели со помош на уреди за следење на активноста; луѓето ги носеле на зглобовите, додека кучињата на своите огрлици.
Според податоците од мерењата, набљудуваните кучиња немале забележително влијание врз времетраењето или квалитетот на сонот на нивните сопственици.
Ова се однесувало и на случаите кога сопствениците имале субјективно чувство дека нивното куче во креветот им го нарушува сонот.
Луѓето кои спиеле опкружени со неколку кучиња особено често пријавувале полош сон, но таа перцепција не се одразила во измерените параметри на спиењето.
Научниците велат дека е можно да станува збор за психолошки ефект: повеќето испитаници изјавиле дека се чувствуваат побезбедно кога спијат со своето куче, а тоа чувство на сигурност би можело да биде поврзано со подобар сон.



