Советот за безбедност одржува итна седница поради упад на три руски авиони на територија на Естонија
Естонското Министерство за надворешни работи соопшти дека утре ќе се одржи итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) на негово барање, поради навлегувањето на три руски авиони во естонскиот воздушен простор.
Три руски борбени авиони МиГ-31 влегоа во естонскиот воздушен простор над Финскиот Залив и останаа таму 12 минути, предупредија Естонија и НАТО во петокот.
„Итен состанок на Советот за безбедност на ОН ќе се одржи на 22 септември како одговор на флагрантното кршење на естонскиот воздушен простор од страна на Русија во петокот“, соопшти денеска естонското Министерство за надворешни работи.
Ова е прв пат Естонија, која се приклучи на ОН пред 34 години и е членка на ЕУ и НАТО, и силно ја поддржува Украина, официјално да побара итен состанок на Советот за безбедност, пренесува агенцијата Франс прес.
Естонскиот премиер во петокот најави дека неговата земја ќе побара од НАТО да го активира членот 4 од Атлантскиот договор, кој предвидува консултации меѓу сојузниците во случај на закани против една од членките на Алијансата.
Естонскиот министер за надворешни работи, Маргус Цахна, оцени дека прекршувањето е дел од поширок модел на руско однесување, „чија цел е да се тестира решителноста на Европа и НАТО“.
Пред десетина дена дваесетина руски беспилотни летала влегоа во полскиот воздушен простор, набргу потоа во романскиот воздушен простор едно руско борбено беспилотно летало остана цел час.
„Таквото однесување бара меѓународен одговор“, изјави естонскиот министер за надворешни работи.
Тој додаде дека однесувањето на Русија „не е во согласност со одговорностите на постојана членка на Советот за безбедност на ОН“.