Случајот “Мазут“ повторно под лупа: Можно повторно одлучување, ДКСК отвора нови сомнежи за ТЕЦ „Неготино“
,,Предметот за случајот Мазут не е завршен, ќе се разгледува приговорот од ЕСМ, а доколку се утврди неправилно ценење на доказите, тој може да биде вратен на повторно одлучување” вели за неделникот “Фокус ” републичкиот јавен обвинител Ненад Савески кој потенцира дека доколку произлезат нови докази и нови околности постапката може одново да почне и тоа според него е единствениот легален начин да се дојде до правдата и вистината.
„Сакам да напоменам дека јавнообвинителските одлуки не се пресудена работа. Доколку произлезат нови докази и нови околности постапката може одново да почне. Важно е да се истакне дека обвиненијата секогаш треба да бидат засновани врз основа на докази од кои тоа обвинение би се докажало пред судот надвор од разумно сомнение. Исто така, доколку во текот на кривичната постапка судот донесе ослободителна пресуда и таа стане правосилна тогаш тоа е пресудена работа.Доколку се утврди неправилно ценење на доказите, тој може да биде вратен на повторно одлучување. Без да прејудицирам каква било одлука, уверен сум дека низ една законита постапка, со почитување на принципите на самостојно одлучување, ќе дојдеме до конечна одлука која и од општата јавност ќе биде разбрана и прифатена. Ревидирање и преотварање на предмети во зависност од очекувања на други органи, институции или поединци не е можно, бидејќи тоа е спротивно на принципите на правна сигурност“, истакнува Савески за Фокус.
Во меѓувреме, нови скандали поврзани со ТЕЦ Неготино продолжуваат да ја брануваат јавноста. Од ДКСК информираат дека до Јавното обвинителство поднеле пријави против поранешни директори нa електраната кои истовремено земале и плата и апанажа.
Од Антикорупциската комисија дополнително соопштија дека 43 именувани или разрешени функционери во февруари не ја исполниле законската обврска за пријавување на имотната состојба и судирот на интереси, поради што против нив ќе бидат издадени прекршочни платни налози.



