СКОПЈАНИ ПОВТОРНО БЕЗ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ: Приватните превозници ги паркираа автобусите, ќе возат само попладне
Продолжува хаосот со јавниот градски превоз во Скопје. Овој пат, граѓаните останаа без своите автобуси кои ги држеа приватните линии, заради тоа што на седница на Советот не била ставена нивната иницијатива за покачување на цената од изминат километар.
Приватните превозници доцна синоќа одржаа состанок, а според пишувањата на медиумите, одлучиле од денеска да не сообраќаат по редовните линии, само во попладневните часови. Велат дека нема да отстапат од своите барања и се додека нема одговор ќе останат делумно паркирани. Апелираат претседателот на совет да ја стави на дневен ред иницијативата за покачување на цената од изминат километар, а советниците да ја поддржат за да може да функционираат..
Инаку вчера претседателот на совет Трајко Славески кажа дека ќе се дискутира само по предлог на градоначалник, но таква одлука немало. Од град Скопје пак, го обвинија Славевски дека одбил иницијативата да ја стави на разгледување пред советниците.
„Градот Скопје, граѓаните на градот Скопје, па и приватните превозници со години се заложници на политичкиот дилетантизам на ВМРО ДПМНЕ. Имено, за вчерашната седница на Советот на град Скопје приватните превозници до претседателот на Советот Трајко Славевски испратиле барање за зголемување на цената на услугите. Ова барање Славевски одбил да го стави на разгледување пред советниците, што е причина за револтот кај приватните превозници денес“, реагираа од градот.
Скопје е заложник на политичка група, која секојдневно водена од намера да предизвика што поголеми проблеми за скопјани, бидејќи секој успех на Градот тие го сметаат за свој неуспех.
Советничката од редовите на Алијанса за Албанците поднесе иницијатива за зголемување на цената по изминат километар на приватните превозници и очекуваше таа да се најде на дневен ред на вчерашната седница. Но како што тврдеше ја одбиле со образложение дека било доцна доставена. Тоа предизвика револт кај приватниците по што одлучија да прекинат делумно со работа.