Седлоски: Максимално мотивирани влегуваме во натпреварот против БиХ
Македонската фудбалска А репрезентација в петок од 20.30 часот во Сараево ќе одигра пријателски натпревар против Босна и Херцеговина, а селекторот Гоце Седлоски за овој дуел ќе смета на значително изменет состав и повеќе нови имиња во тимот.
На официјалната прес-конференција, нашиот селектор напомена дека е важно утре на стадионот „Асим Фехатовиќ-Хасе“ да се остави позитивен впечаток.
– Сакаме да се докажеме и тимски и резултатски. Најважно е да излеземе на терен и да одиграме најдобро што можеме. Ќе дадеме максимум, а нека победи подобриот. Ние сме фокусирани на нашата игра и на тоа како ќе ги одиграме овие 90 минути, но и Босна сигурно има мотив да се покаже во добро светло пред своите навивачи. На Босна и Херцеговина ѝ посакувам успех на Светското првенство. Заслужуваат честитки, ја елиминираа Италија, исто како што и ние тоа го направивме во претходниот бараж. Но, сега следуваат нови предизвици и постојано мора да се докажуваме – изјави нашиот селектор.
Македонскиот стратег сака на најдобар можен начин неговите избраници да бидат подготвени за настапот во Лигата на нации:
– За нас нема пријателски натпревари. Секогаш излегуваме на терен со желба да се претставиме во вистинско светло и да победиме. Сакам на најдобар можен начин да се подготвиме за Лигата на нациите. Се надевам дека ќе бидеме поефикасни во нападот. Играме против силни репрезентации како Босна и Херцеговина и Турција. Ќе се обидеме да постигнеме голови, но многу ќе зависи и од противникот. Мора да бидеме компактни. Играчите се подготвени и задоволен сум од тоа како работевме во изминатите денови – се зборовите на Седлоски.
Капитенот Енис Барди поради повреда ќе ги пропушти тест дуелите со Босанците и Турците. Седлоски најавува неколку варијанти за замена на играчот на Коњаспор:
– Новите фудбалери донесоа свежина во тимот, а добро беа прифатени и од останатите репрезентативци. Повикав повеќе нови играчи и сите ќе добијат шанса да се докажат. Дел од нив ќе стартуваат и на утрешниот натпревар. Елези играше добро во Сараево и заслужено е на списокот. Имаме два натпревари и сигурно ќе добие минутажа. Не е само тој новитет во споредба со мартовскиот циклус. Повикавме играчи и од домашното првенство и од странски лиги. Верувам дека имаат квалитет за националниот тим. Имам неколку варијанти за замена на повредениот Барди, а конечната одлука ќе ја донесам по денешниот тренинг – кажа Седлоски.



