Се намали каматната стапка за затезната камата: Должниците ќе бидат помалку должни
Референтната каматна стапка е само една ставка во вкупната казнена камата. Според онлајн калкулаторот за пресметка на казнена камата biro.mk за основен долг од 1 милион денари, казнена камата за период од 1 јануари до 30 јуни за физичко лице изнесува 16.027 денари.
Референтната стапка за пресметување на стапката на казнена камата, за периодот од 1 јануари 2025 година до 30 јуни 2025 година изнесува 5,55 проценти, одлучи Народна банка. Ова е пониска референтна каматна стапка во однос на претходната, за период од 1 јули 2024 година до 31 декември 2024 година, кога изнесувала 6,30 проценти.
Со намалување на оваа референтна каматна стапка, оние кои се принудени да плаќаат казнена камата поради задоцнети отплати на долг ќе имаат помалку камата за плаќање. Референтната каматна стапка е само една ставка во вкупната казнена камата. Според онлајн калкулаторот за пресметка на казнена камата biro.mk, за основен долг од 1 милион денари, казнена камата за период од 1 јануари до 30 јуни за физичко лице изнесува 16.027 денари.
Според дефиницијата на Народната банка казнена каматата е камата што ја плаќа должникот доколку задоцни со исполнување на обврските врз основа на долгот.
„Tаа претставува обврска да се надомести штетата којашто должникот му ја прави на доверителот со тоа што не го намирува долгот во договореното време“, велат од Народната банка.
Историски гледано, референтната каматна стапка што ја имавме минатата година била највисока од 1 јули 2010 година. Драматичен скок на референтната каматна стапка почна од 1 јануари 2023 година, кога таа скокна од 2 проценти на 4,75 проценти. Така, во последниве години граѓаните што не успеваа навреме да си ги плаќаат долговите, беа изложени на драматична дополнителна давачка.
Она што ги штити граѓаните е што со измените во Законот за облигациони односи и Законот за извршување од 2023 година, казнената камата не може да биде поголема од долгот. Со измените и дополнувањата на Законот за облигационите односи прецизирано е времето до кога може да тече законската казнена камата, односно каматата престанува да тече кога износот на стасаната, а неисплатена казнена камата ќе го достигне износот на главнината. Ова е внесено и во Законот за извршување, па така каматата се пресметува и се наплатува до денот на исплатата на средствата на посебната сметка на извршителот, односно до моментот кога неисплатената камата ќе го достигне износот од главниот долг.
Претходно, во 2021 година, исто се направија измени во Законот за облигациони односи. Со тие измени основната камата не може да го надмине нивото на основниот долг.
– Сега и двете камати, и редовната и затезната, течат до нивото на основниот долг. Условно кажано, ако некој има долг од 1.000 евра, каматата може да биде до 1.000 евра и казнената камата може да биде исто до 1.000 евра. Со тоа, донекаде се регулираа работите во должничко-доверителските односи. Но, Уставниот суд ја укина одредбата од Законот за облигациони односи со која во 2023 година ретроактивно се воведе апсолутна застареност од 10 години од денот на поднесувањето барање за извршување. Со тоа повторно од фиока се извадија многу стари долгови. Граѓаните доаѓаат и ми покажуваат дека извршителите им тропнале на врата со долгови од некогашна Топлификација, од Македонска банка. Не е само каматата трошок. Огромни трошоци има и за нотари, извршители… – изјави за „Слободен печат“, Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија.
Според историските податоци за референтната каматна стапка на Народна банка, таа била најголема во Големата финансиска криза кога достигна и до 9 проценти.
„Референтната стапка за пресметување на стапката на казнената камата за одредено полугодие е каматната стапка на основниот инструмент од операциите на отворен пазар ‒ благајнички записи на Народната банка, која е постигната на последната аукција во претходното полугодие. Каматната стапка на благајничките записи е каматната стапка утврдена од Извршниот одбор на Народната банка при тендер со износи и тендер со максималната каматна стапка, односно просечната пондерирана каматна стапка при тендер со каматни стапки. Референтната стапка за пресметување на стапката на казнената камата се објавува на интернет-страницата на Народната банка “, пишува во Одлуката на Народната банка за новата референтна каматна стапка.