Салмонела во градинка во Берово
Центарот за јавно здравје во Кочани констатира присуство на салмонела кај две од земените 5 мостри од градинката „23 август“ во Берово. Епидемиолог од Центарот веќе е на терен и работи на прибирање на потребните податоци за натамошно утврдување на тоа што довело до влошување на здравствената состојба на дечињата. Вонреден санитарен инспекциски надзор ќе биде направен во беровската детска установа за да се утврдат причините што довеле кај некои дечиња да се пројават симптоми на повраќање, дијареа и покачена телесна температура.
– Побаравме веднаш да се закаже седница на УО за да се разгледа целата ситуација околу појавата на салмонела, а истовремено, преку Центарот за јавно здравје е иницирана постапка за вршење на инспекциски надзор, од страна на санитарен инспектор за храна, за да се потврдат наодите, дали произлегуваат од самата детска градинка или се појавени на друго место-изјави Звонко Пекевски, градоначалник на Берово.
Пекевски ја почитува загриженоста на родителите кои се и иницијатори на целата постапка, но сепак треба институциите да ја истераат работата до крај, во интерес на дечињата кои се уште се згрижуваат во установата.
– Пред се, наважно во моментот е да се превенира. Да се воздржиме, да ги добиеме релевантните податоци од надлежните институции за да видиме во која насока понатаму треба да се движи постапката за утврдување на одговорноста, додаде Пекевски.
Претходно од градинката во Берово излегоа со писмено известување до родителите да не ги носат своите деца во оваа институција ако забележат промени во нивната здравствена состојба и да се консултираат со матичен лекар. Притоа, се бара доколку детето било отсутно од градинка, при повторно враќање да се донесе соодветна лекарска потврда. Дополнително, ќе бидат извршени и вонредни инспекциски надзори во објектите кои се засегнати со конкретната состојба, со цел надзор над санитарно хигиенската и епидемиолошката состојба и откривање на изворот на зараза.