Романците ги чека пекол во Куманово: Македонија ќе игра пред полна сала
Кошаркарската репрезентација на Македонија утре ќе има силна поддршка од трибините во Куманово, откако Кошаркарската федерација потврди дека сите билети за натпреварот против Романија се распродадени.
Селекторот Илиевски на денешната прес-конференција ја истакна важноста од поддршката на навивачите и изрази надеж дека публиката ќе стои зад националниот тим. Таа желба на крајот се оствари, салата ќе биде исполнета до последно место.
Куманово по цели 26 години повторно ќе биде домаќин на еден репрезентативен натпревар, а салата во која ќе се игра натпреварот може да собере околу 5.000 навивачи.
Македонија во рамки на претквалификациите се бори за едно од првите две места во групата, а по дуелот со Романија ја очекува и средба со селекцијата на Унгарија. Натпреварот со Романија ќе се одигра утре со почеток во 20:00 часот.