Професор Атанасовски: Тие остатоци што ги зема Бугарија не се на Самуил
Професорот Александар Атанасовски од УКИМ, чија специјалност е средниот век, вклучително и времето на Византија и Самуиловото Царство, беше гостин во емисијата Радио Точка, во рамки на програмат Хоризонт на Бугарското национално радио БНТ. Тема беше договорот меѓу Бугарија и Грција за пренесување на наводните коски на цар Самуил од Солун во Софија. MИА го пренесе разговорот.
„Па, тој никогаш не бил во Бугарија, зошто да се прибира, кога е земен тој од Бугарија? Вака излегува дека ние сме го украле Самуил од Бугарија и сме го донеле во Македонија, а тој е роден во Македонија, тука умрел и тука е погребан. Не знам… која е новината да се прибира тој во Бугарија?! Тоа е најголемата глупост“, вели професоорт.
За тоа каде е погребан цар Самуил вели дека е прашање за Нобелова награда.
„Едно е сигурно: не е таму каде што мислат и тие остатоци што ги зема Бугарија не се на Самуил. Прво, оние четири гроба таму, не се знае чии се, нема никаков натпис, нема никаков доказ. Првично се зборуваше дека гробот е внатре во црквата, под онаа плоча со тие персиски орнаменти, па оттука дека е Персиец по потекло. Некои викаат дека умрел во Прилеп и дека таму е погребан, но трети викаат дека е на сосема трето место. Единствен византиски извор е Михаил Аталијат, којшто вели дека Самуил умрел на Мочурливото Езеро, односно на Мочурливиот остров. А каде е погребан? Според мене, моштите на Самуил се однесени во Бугарија уште во 1943 година. После капитулацијата на Италија во Втората светска војна, бидејќи Италијанците ја држеле Преспанската област, бугарските војници навлегуваат во таа област и доаѓа археолог — мислам дека Филов беше по фамилијата — и тие прават истражување во селото Герман на Преспанското Езеро, каде што биле погребани татко му, мајка му и брат му. По некоја логика, би требало тоа да е семејна гробница и Самуил да е таму погребан. Сите мошти што се најдени во Герман, таму околу тие цркви, бугарските војници ги имаат однесено во Софија уште во 1943–44 година. Значи, можно е моштите уште тогаш да се однесени во Бугарија. Тие што сега ќе се земат, најверојатно не се мошти на Самуил. Таму каде што се тие гробови, најверојатно тоа се мошти на некој од свештениците. Доказ за тоа е првичниот наод на Муцопулос: положбата на скелетот, како лежи покојникот — не знам колку загледале вашите политичари и археолози — тој лежи на грб, и под главата има „заглавница“ што викаме ние, односно има три цигли во вид на буквата „П“, и тој лежи на горниот дел — значи две се поставени вертикално, другата е хоризонтално оддозгора, и тој лежи на неа. Таков начин на погребување нема ниту во Бугарија, ниту во Македонија. Значи, тоа кажува дека личноста што таму лежи не е од овие простори. Кој знае од каде е донесен — можеби е некој свештеник од Мала Азија или кој знае од каде. Таков начин на погребување на Балканот не постои“, рече Атанасовски.
За спогодбата меѓу Бугарија и Грција за размена на историски вредности и останките на цар Самуил, кажа дека тоа е уште еден обид како балканските војни, тоа е за кражба на македонските историски аргументи од една страна. Друго, додаде дека самите Грци не се свесни дека то тоа прават голема повреда на Договорот од Преспа.



