Почнуваат како настинка, но не се обична детска болест – Првите симптоми и компликации од морбилите
Морбилите, познати и како мали сипаници, се едно од најзаразните вирусни заболувања, кое може да предизвика сериозни здравствени компликации, особено кај малите деца, бремените жени и лицата со ослабен имунитет. Болеста најчесто започнува со симптоми слични на настинка, поради што во почетната фаза може да биде тешко да се препознае.
Првите симптоми обично се појавуваат од 7 до 14 дена по изложувањето на вирусот. Почетокот најчесто е проследен со висока температура, која може да достигне и над 40 степени, сува кашлица, течење на носот, кивање, како и црвенило и солзење на очите.
Еден од карактеристичните рани знаци се и таканаречените Копликови дамки – ситни бели точки кои се појавуваат во внатрешноста на образите, во устата, обично два до три дена по почетокот на симптомите.
Осипот се појавува неколку дена подоцна
По првичните симптоми, најчесто по три до пет дена, се појавува карактеристичниот црвен осип. Тој обично започнува на лицето, најчесто во пределот на линијата на косата, а потоа постепено се шири кон вратот, трупот, рацете и нозете.
Со појавата на осипот, температурата може дополнително да се зголеми. Осипот обично трае неколку дена, по што постепено исчезнува.
Кои компликации можат да ги предизвикаат морбилите?
Иако кај дел од пациентите болеста поминува без потешки последици, морбилите можат да доведат до сериозни компликации. Меѓу почестите се воспаление на средното уво и дијареја, која може да предизвика дехидратација.
Во потешки случаи може да се појават:
- Пневмонија, односно воспаление на белите дробови;
- Енцефалитис – воспаление на мозокот, кое може да предизвика трајни невролошки последици;
- Тешка дехидратација поради дијареја;
- Нарушувања на видот, па дури и слепило;
- Сериозни респираторни проблеми.
Морбилите можат привремено да го ослабат и имунолошкиот систем, оставајќи го организмот подложен на други инфекции и по прележувањето на болеста.
Најголем ризик од тешки компликации имаат децата помали од пет години, возрасните над 30 години, бремените жени и лицата со ослабен имунитет.
Во Македонија се регистрирани пет потврдени случаи на морбили, а надлежните институции предупредуваат на реален ризик од ширење на заразата поради нискиот опфат со вакцинација. Според последните информации од 4 ноември, меѓу заболените има три мали деца, еден 45-годишен маж и едно лице од Косово.
Особено загрижува податокот дека опфатот со МРП-вакцината изнесува само 62 проценти, што е значително под 95 проценти, колку што се препорачува за колективна заштита на населението.



