Полуфинале и трето место за тенисерот Алексовски на турнирот во Софија
Младиот македонски тенисер Марко Алексовски (15 години) го освои третото место на турнирот во Софија, Бугарија, откако во полуфиналето загуби од домашниот тенисер Мартин Бонев со 2:0 во сетови 7:6 (5) и 6:2.
На овој начин Алексовски ја продолжи успешната низа настапи на турнир за играчи до 18 години, бидејќи Дема Куп во Софија е од категорија J30 Софија.
Нашиот тенисер до полуфиналето постигна четири победи. Најпрво во групата ги совлада: Јоанис Мацокас од Грција (6:3, 6:0), потоа беше подобар од Кристијан Стефанов од Бугарија двапати со 6:1 и во третиот меч во групата го победи Доминик Чопек од Велика Британија со 6:0 и 6:3).
Во четвртфиналната фаза на турнирот, Алексовски го победи Матеј Суцу од Романија со 6:3 и 6:1.
Македонскиот тенисер претходната недела ја заврши како финалист на турнир во Солун, Grcija, и без ден одмор стигна во Софија, а по кусиот одмор од два дена (без мечеви) од понеделник го очекува настап на Ј60 Скопје турнир што ќе се игра на терените на ТК Југ.



