Полицијата со полни раце работа: Пијани, со дрога и без возачки – 18 возачи завршија со лисици на рацете
Лишени од слобода 18 возачи за безобѕирно управување возило, 16 возеле без дозвола, а двајца со активна забрана
Во текот на изминатото деноноќие на целата територија на државата, полициските службеници лишија од слобода 18 возачи за безобѕирно управување возило, од кои 16 возеле без дозвола, а двајца со активна забрана.
Осум возачи во Скопје (од кои двајца малолетници), тројца во Гевгелија, двајца во Кичево и по еден во Тетово, Радовиш и Дебар управувале возило без возачка дозвола. Кај еден од возачите во Скопје била пронајдена и марихуана, додека кај возачот во Тетово биле измерени и 1,46 промили алкохол во крвта. По еден возач во Скопје и Кичево управувале возило со активна забрана.
По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.



