Обновливите извори во пораст од 11,43 oтсто: Ветерот и сонцето ја менуваат енергетската слика на Македонија во 2025 година
Раст од 11,43% на производството на електрична енергија од обновливи извори е регистриран во 2025 година во споредба со 2024 година, додека вкупното производство изнесува 6.123 GWh и е практично на исто ниво – покажуваат податоците од Годишниот извештај за работењето на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) за 2025 година.
Најголем пораст на производството од обновливи извори (ОИ) од 32,50 % има кај ветерните електроцентрали, додека за прв пат производството на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали го надмина производството од комбинирани централи.
Во 2025 година РКЕ измени седум лиценци за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали со кои се додадоа складишта во склоп на истите со вкупна инсталирана моќност од 7,1MW.
„Воведувањето на батериите за складирање на енергија во пракса значи забрзана енергетска транзиција. Складирањето на енергијата во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат е директна придобивка, но ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот од аспект на поефикасно управување и користење на системските услуги.“ изјави Ацо Ристов, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
Во 2025 година издадени се вкупно 236 лиценци од областа на електрична енергија, од кои најголем дел се за производство од ОИ. Континуираните инвестиции во капацитети за производство од ОИ го зголемија учеството на 58,22% во вкупниот инсталиран капацитет во земјата.
Зголемената конкуренција на пазарот со активни 21 снабдувач донесе подобри услови за потрошувачите. На берзата на електрична енергија се регистрирани 40 компании и истргувани 1.371 GWh, што претставува раст од 41% во споредба со претходната година.
Во извештајот се нотира забрзување на активностите за поефикасна интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари на електрична енергија. Назначувањето на НЕМО за номиниран оператор на пазар на електрична енергија, одлуката на Агенцијата за соработка на енергетските регулатори (ACER) за приклучување на македонската зона на наддавање кон регионот за пресметка на капацитети на Југоисточна Европа, како и изработката на Планот за интеграција на работата на споените пазари се дел од активностите за спојување на пазарите.



