Пожарите во Франција и Шпанија засега стивнуваат — службите бараат чаре за штетите и за евакуираните луѓе
Франција денес изрази надеж дека огромниот шумски пожар повеќе не се шири, додека Шпанија соопшти дека во близина на Мадрид „речиси и да нема пламен“, иако во меѓувреме избувна нов пожар во близина на границата со Португалија, пренесува АФП.
Европа оваа година е погодена од последователни топлотни бранови и сериозна суша, за кои научниците сметаат дека се последица на климатските промени предизвикани од човекот.
Двете соседни земји изминатата недела се соочија со едни од најтешките шумски пожари во поновата историја, при што изгореа огромни површини, а десетици илјади луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови.
Во Франција денеска падна слаб дожд во близина на винскиот центар Бордо, што ги зголеми надежите дека пожарот во крајбрежната борова шума наскоро ќе биде изгаснат.
Властите им дозволија на дел од 220.000 евакуирани жители да се вратат во своите домови.
Над градот Леже-Кап-Фере одекна гром, а неколку дождовни капки паднаа врз крајбрежниот регион кој е погоден од најголемиот шумски пожар во Франција од 1949 година.
„Има грмежи, тоа е добар знак“, изјави еден пожарникар во командниот центар сместен во спортската сала на градот.
Регионалната противпожарна служба соопшти дека е „умерено оптимистична“, бидејќи пожарот, кој избувна пред една недела, од викендот не се проширил надвор од површина од 42.000 хектари – област поголема од американскиот град Детроит.
Во пожарот досега се уништени 240 куќи.
Командантот на регионалната противпожарна служба, Марк Вермеулен, предупреди дека екипите ќе мора уште неколку дена да продолжат со гаснењето на преостанатите жаришта во шумата и по нејзините рабови, за да се спречи повторно разгорување.
Сепак, локалните власти соопштија дека ќе им дозволат на жителите да се вратат во девет села и дека попладне повторно ќе биде отворен автопатот кој води јужно од Бордо.
Нов пожар во Шпанија
Во Шпанија, шумските пожари што им се закануваа на подрачјата во близина на Мадрид престанале да се шират и таму „речиси и да нема преостанат пламен“, соопшти кабинетот на префектот.
Во близина на градот Сан Мартин де Валдеиглесијас, противпожарната станица била опкружена со изгорена земја, јавува новинар на АФП.
Белата зграда на станицата останала недопрена, како и црвеното противпожарно возило и малиот хеликоптер паркирани пред неа.
„Пожарот западно од Мадрид од минатата недела зафати 27.000 хектари и уништи најмалку 100 куќи“, посочи локален функционер.
До четвртокот наутро во регионот останале околу илјада евакуирани луѓе, откако илјадници жители се вратиле во своите домови во средата.
Но, во средата избувна нов пожар во Фермосеље, во Западна Шпанија, на само неколку километри од португалската граница, поради што беа евакуирани повеќе од 600 луѓе, соопштија службите за итни случаи.
Друг пожар, кој беснее од минатата недела во провинцијата Авила, е најголемиот што Шпанија го забележала откако се води евиденција од 1961 година, со околу 50.000 изгорени хектари. За штетите допрва ќе се размислува како да се санираат.
„Ќе ја продадеме куќата“
Повторувачките топлотни бранови и шумски пожари ја поттикнаа јавноста сè повеќе да размислува за реалноста на климатските промени.
Во Бордо, возачот на Убер, Кевин Монмартр, кој трипати бил евакуиран поради пожарот, изјави дека сè почестите шумски пожари го натерале повторно да размисли дали да ја задржи својата куќа во крајбрежното место Андернос-ле-Бен.
„Искрено, разговаравме со сопругата и ако се случи уште еден ваков пожар во следните години, ќе ја продадеме куќата“, изјави тој за АФП додека управувал со својата „Тесла“ низ Бордо, токму кога почнал да паѓа дожд.
На други места во Европа, илјадници луѓе доцна во средата беа евакуирани поради пожарите што му се закануваа на туристичко одморалиште на грчкиот остров Крит, каде што огнената стихија продолжи да беснее и денеска, поттикната од силни ветрови.



