ПЕТМИНА ЛЕКАРИ НА ОБВИНИТЕЛНА КЛУПА – Несовесно лекувале, паиентка починала
Основното јавно обвинителство Битола, врз основа на спроведена претходна постапка и обезбедени докази, поднесе Обвинителен предлог против петмина лекари-интернисти од битолската клиничка болница “Д-р Трифун Пановски” за сторени – Тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 4 во врска со член 207 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Тие, како што информираат од Обвинителство, се обвинети дека во периодот од 28.05.2024 до 04.06.2024 година, на Одделот за интерни болести во болницата, несовесно лекувале 40-годишна пациентка, со што предизвикале влошување на нејзината здравствена состојба кое резултирало со смртен исход.
-Пациентката се јавила во болницата по претходен преглед и упат од матичен лекар, кој изразил сомнение за воспаление на вените – тромбофлебитис. Но, по почетниот преглед на интерното одделение, без целосна анамнеза и детални анализи, и била поставена дијагноза – ревматоиден артритис и била дадена терапија, по што била пуштена дома. Како резултат на тоа, не била навремено утврдена вистинската здравствена состојба на оштетената, односно не била откриена и дијагностицирана тромбозата, ниту била навремено преземена соодветна терапија и лекување за таквата состојба, со што била пропуштена реална можност за навремено откривање и лекување на тромботичниот процес кај оштетената, за спречување или ограничување на напредувањето на тој процес, како и на последователното влошување на нејзината здравствена состојба – се вели во соопштението од Обвинителство.
На 01.06.2024 година пациентката со силни болки во стомакот и влошена општа состојба повторно се јавила на преглед во болницата.
-Иако тогаш била хоспитализирана, во следните четири дена, и покрај абнормалните вредности на лабораториските и биохемиските анализи, ниту еден од дежурните лекари не презел дополнителни дијагностички испитувања со цел да се испитаат причините и да се одреди соодветна терапија – информираат од Обвинителство.
Затоа здравствената состојба на оштетената продолжила значително да се влошува. Попладнето на 04.06.2024 година, таа побарала медицинска помош во приватна клиника во Скопје, каде била примена во тешка општа состојба.
-При итно извршениот хируршки зафат и била констатирана тромбоза на горната и долната мезентерична артерија со комплетна гангрена на тенкото и дебелото црево. Таа состојба веќе била неоперабилна и на 05.06.2024 година оштетената починала – стои во соопштението од Обвинителство.



