Актуелно

Од следната недела младите ќе можат да аплицираат за грантови од 10.000 евра за сопствен бизнис

Со буџет од 40 милиони евра и нови мерки насочени кон поголема поддршка на невработените, Оперативниот план за вработување за 2026 година официјално стапи во сила по добиеното одобрение од Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, информираше дека годинава дел од средствата се пренасочени од помалку атрактивните мерки кон програмите за самовработување и вработување, со цел да се обезбеди поголем ефект врз пазарот на трудот.

Според него, младите до 29 години кои сакаат да започнат сопствен бизнис ќе можат да добијат грант до 10.000 евра, додека лицата над 29 години ќе имаат право на финансиска поддршка до 7.000 евра. Дополнително, доколку две млади лица се здружат и основаат друштво со ограничена одговорност, вкупната поддршка може да достигне до 20.000 евра.

„Грантовите за лица за отворање на сопствен бизнис до 29 години изнесуваат до 10.000 евра, додека за лица над 29 години поддршката е до 7.000 евра. Доколку две лица се здружат во друштво со ограничена одговорност, помошта може да достигне до 20.000 евра за млади до 29 години“, изјави Ристески.

Како новина во програмата, за првпат право на дополнителна финансиска поддршка ќе имаат и младите кои се вратиле од странство. Тие ќе можат да добијат 10 проценти повеќе од предвидениот износ на грантот.

„Доколку станува збор за лице до 29 години кое се враќа од странство, наместо 10.000 евра ќе може да добие 11.000 евра поддршка за започнување сопствен бизнис“, појасни Ристески.

Воедно, годинава е воведен и нов услов според кој за користење на најатрактивните мерки ќе можат да аплицираат само лица со завршено најмалку средно образование.

Од Министерството за економија и труд очекуваат преку мерките од Оперативниот план да бидат вработени меѓу 5.500 и 6.000 лица, а јавниот повик за аплицирање ќе биде објавен во текот на следната недела.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons