Никој во Ливерпул во иднина нема да може да ја носи „20-ката“ на Жота
Трагичната вест за смртта на Диого Жота и неговиот брат во сообраќајна несреќа остави длабока тага во фудбалскиот свет, особено кај навивачите на Ливерпул. Португалскиот напаѓач во петте години на „Енфилд“ изгради силна врска со клубот и остави неизбришлива трага, поради што Ливерпул најави дека ќе му оддаде посебна почит.
Од клубот потврдија дека дресот со број „20“, кој Жота го носеше на „Енфилд“ ќе биде повлечен од употреба и никој повеќе нема да може да го носи.
Жота пристигна на „Енфилд“ во 2020 година од Вулверхемптон, во трансфер вреден 45 милиони евра. Брзо се етаблираше како клучен играч под водство на Јирген Клоп кој минатото лето го напушти клубот.
Во дресот на Ливерпул Жота одигра 190 натпревари во Премиер лигата, постигнувајќи 63 гола и остварувајќи 24 асистенции. Во Лигата на шампионите запиша 38 настапи, со шест погодоци и седум асистенции.