Актуелно

Над 160 здравствени работници ќе поминат обуки за спречување и пријавување корупција во здравството

Повеќе од 160 лекари, акушери, медицински сестри и друг здравствен персонал од целата држава ќе бидат опфатени со обуки за борба против корупцијата во јавното здравство, со цел да ги зајакнат своите знаења и вештини за препознавање, спречување и пријавување на коруптивни практики, пренесе МИА.

Како што информираат од Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, активноста се реализира во рамки на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“.

Од здружението посочуваат дека здравствените установи се меѓу клучните места каде што е неопходно да се зајакнат механизмите за спречување на корупцијата и да се поттикне професионалната одговорност кај здравствените работници.

„Борбата против корупцијата треба да започне токму таму каде што таа најчесто се појавува – во здравствените установи. Очекуваме обуките да придонесат за поголема свест, подготвеност и активна вклученост на здравствените работници во спречувањето на коруптивните практики“, велат од ЕСЕ.

Во рамки на проектот веќе е реализирана обука за обучувачи, на која учествуваа здравствени работници што во наредниот период ќе спроведуваат едукативни сесии во повеќе региони низ државата. Темите опфатиле медицинска етика, професионална одговорност, родови аспекти на корупцијата, како и механизмите за пријавување и институционална заштита.

Професорката Гордана Панова истакна дека почитувањето на принципите на добротворност, правичност, доверливост и заштита на интересите на пациентите е суштинско за спречување на коруптивното однесување во здравствените установи.

Според експертката за антикорупциски политики Лилјана Цветаноска, важно е да се препознаат различните форми на корупција во здравството, бидејќи секоја од нив бара различен пристап и специфични мерки за превенција и санкционирање.

Таа посочи дека покрај случаите на давање или барање пари и подароци за здравствени услуги, сериозен предизвик претставуваат и корупциските ризици во јавните набавки, кои индиректно влијаат врз квалитетот на здравствената заштита што ја добиваат граѓаните.

Учесниците во обуките ги оценија содржините како практични и корисни за нивната секојдневна работа, особено во делот на препознавање на корупциски ризици, еднаков третман на пациентите, родовите аспекти на корупцијата и процедурите за пријавување неправилности.

Проектот го спроведува ЕСЕ со поддршка на Expertise France преку Agence française de développement и претставува национална иницијатива насочена кон зајакнување на интегритетот во здравствениот систем, подигнување на јавната свест и унапредување на политиките за спречување на корупцијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons