На овие европски аеродроми слетувањето бара посебна обука
Полетувањето и слетувањето за повеќето патници претставуваат само рутински почеток или крај на патувањето, но за пилотите тоа се најсложените фази од секој лет. Иако европскиот воздушен сообраќај е меѓу најбезбедните во светот, специфичната географија на Стариот континент, со своите стрмни планински венци, тесни долини, непредвидливи ветрови и кратки писти, создаде неколку аеродроми кои од пилотите бараат посебни лиценци, специјална обука и челични нерви.
За разлика од стандардните аеродроми, каде што компјутерите и автоматските системи извршуваат голем дел од работата, на овие локации пилотите се принудени целосно да ги преземат рачните команди, често во сурови временски услови.
Мадеира – писта над океанот
Аеродромот „Кристијано Роналдо“ на португалскиот остров Мадеира е познат по силните и променливи ветрови и турбуленциите предизвикани од планинскиот релјеф.
Поради кратката писта, таа била продолжена со масивна конструкција поставена на 180 армиранобетонски столбови над морето. Приодот бара од пилотите да го насочат авионот кон планината, а потоа во последен момент да направат остар свиок и да се израмнат со пистата. За слетување на Мадеира потребен е специјален сертификат.
Куршевел – најкратката писта во Алпите
Аеродромот Куршевел во француските Алпи се наоѓа на надморска височина од повеќе од 2.000 метри, а неговата писта е долга само 537 метри. Има наклон од 18,5 отсто, кој помага при сопирањето, но поради кој, откако авионот ќе почне да се спушта, слетувањето практично не може да се прекине.
Аеродромот е опкружен со високи алпски врвови и длабоки провалии, а маглата и снежните виулици дополнително го отежнуваат летањето. Овде слетуваат само помали авиони и хеликоптери, а пилотите мора да имаат посебна обука.
Инсбрук – Лавиринт низ алпските клисури
Главниот град на Тирол е опкружен со моќни алпски масиви кои создаваат специфични воздушни струења. Слетувањето во Инсбрук бара авионот да кружи низ тесната долина на реката Ин, опкружена со карпи високи и повеќе од 2.500 метри.
Главниот проблем за пилотите го претставува таканаречениот фен, топол и сув ветер кој дува од планините и создава силни струења кои нагло го подигаат или спуштаат авионот. Поради ограничениот простор во долината, пилотите не можат брзо да го променат правецот, туку мораат прецизно да ја следат закривената траекторија на приодот, користејќи исклучиво визуелна ориентација во завршната фаза.
Гибралтар – писта што ја пресекува градски булевар
Аеродромот на Гибралтар е познат по тоа што неговата писта ја пресекува градска сообраќајница. Секогаш кога авион полетува или слетува, сообраќајот за автомобилите и пешаците се запира со рампи и семафори, слично како на железнички премин.
Силните странични ветрови околу Гибралтарската Карпа дополнително го отежнуваат слетувањето и можат да предизвикаат турбуленции ниско над пистата. Поради тоа, авионите често се пренасочуваат кон алтернативни аеродроми во Шпанија.
Скијатос – „Европски Сент Мартен“
Аеродромот на грчкиот остров Скијатос е омилен меѓу љубителите на авијацијата бидејќи пистата почнува на само неколку метри од јавна плажа и пат. Сепак, она што за туристите претставува атракција, за пилотите е сериозен тест.
Пистата е исклучително кратка и тесна, што значи дека авионите мора да го допрат тлото што е можно побрзо и веднаш да применат максимално сопирање. Покрај тоа, поради топлиот воздух и релјефот, полетувањата од Скијатос често бараат авионите да полетаат со намалена количина гориво за да бидат доволно лесни за безбедно да се одлепат од земјата.



