На 8 мај најверојатно и претседателски и парламентарни избори!
Споени претседателски и парламентарни избори претходно веќе побара ВМРО-ДПМНЕ, а согласност има и од владејачките ДУИ и Алијанса за Албанците, како и од албанските опозициски партии.
На 8 мај најверојатно ќе се одржат вториот круг од претседателските, заедно со парламентарните избори. Ова може да се заклучи откако премиерот Димитар Ковачевски изјави дека постои доволно простор во мај да се организираат изборите во нивниот редовен термин. Заеднички претседателски и парламентарни избори веќе побара ВМРО-ДПМНЕ, а согласност за споени избори има и од владејачките ДУИ и Алијанса за Албанците, како и од албанските опозициски партии.
Договор меѓу партиите за датум за изборите сè уште нема и очекувањата се дека изборниот ден ќе се официјализира на средба меѓу партиите. Доколку и официјално се потврди дека изборите ќе бидат на 8 мај, тогаш, според уставните рокови, тоа е последен термин во кој може да се одржат претседателските избори и прв термин за одржување на парламентарните избори, а и двата изборни циклуса да бидат во својот редовен термин.
Неодамна, претседателот на Собранието Талат Џафери на брифинг со новинарите рече дека единствен термин за да се одржат заедно претседателските и парламентарните избори во редовен термин е 5 мај, но бидејќи на тој датум е Велигден, споени избори може да има на 8 мај во среда.
Доколку партиите дефинитивно го утврдат тој датум за избори, нема да биде првпат граѓаните да гласаат во работен ден, односно со одлука на Владата, денот на гласањето ќе биде неработен. И последните парламентарни избори во 2020 година се одржаа в среда, на 15 јули. Тогаш поради ковид-пандемијата се гласаше неколку денови.
Во тек се разговори меѓу партиите
Откако Ковачевски навести дека изборите ќе бидат во мај, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа е чекорот што го барале и го очекувале.
– Ова е чекорот што го баравме и го очекувавме, со оглед на тоа што споени избори се единствен логичен расплет на настаните, со тоа што ќе се одбегне грч на стопанството и потребата финансиски да се оптоварат граѓаните преку зголемени трошоци за евентуални разделени избори – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ковачевски рече дека во тек се разговори меѓу партиите за настап на парламентарните избори, а за финалните ставови партиите ќе информираат тогаш кога ќе се постигне поширок консензус во рамките на Собранието. Според него, сите кадровски решенија ќе бидат споделувани со јавноста како што ќе се носат од службените партиски тела. Ковачевски истакна дека СДСМ и ДУИ имаат јасен коалициски договор и дека се надева оти и Алијанса за Албанците (АА) има капацитет да разговара за економски просперитетна држава и општество со социјална правда и демократија на највисоко ниво, со слобода на медиумите и владеење на правото, кои се основи, како што нагласи, за градење на широкиот коалициски фронт. Тој додаде дека во моментов течат разговорите за финализирање на Изборниот законик и вклучувањето на сите забелешки од ОБСЕ/ОДИХР во него. Тоа е веќе завршено во најголема мера и многу скоро, како што рече, ќе се најде на дневен ред на владина седница, како и на седница на Собранието, при што ќе се добие целосно усогласено законско решение.
– Со ДУИ имаме јасен коалициски договор објавен во 2020 година. Секако дека за модалитетите се разговара, но целта – остварување европска коалиција што ќе предводи широк фронт – е клучната работа што ќе ги обедини партиите на следните избори. Сите детали и кадровски решенија што ќе следуваат, ќе бидат споделувани со јавноста како што ќе се носат од официјалните органи на партиите – истакна Ковачевски.
На прашањето дали ќе ја убедат и АА за заеднички настап на изборите во европскиот фронт, Ковачевски рече дека смета оти Алијанса има таков капацитет. Според него, кога се прават коалиции, клучно е да се споделуваат заеднички вредности што се однесуваат, пред сè, на визијата за модерно општество и модерна држава.
– Не се работи за убедување. Кога се прават коалиции, клучно е да се споделуваат заеднички вредности што се однесуваат, пред сè, на визијата за модерно општество и модерна држава со економски просперитет, социјална правда и демократија на врвно ниво, слобода на медиумите, владеење на правото унапредено многу повеќе од тоа денес. На тие основи ќе се градат коалициите. Сметам дека Алијанса го има тој капацитет – да разговара на такви теми – и мислам дека на таа основа може да се водат разговори во однос на идните коалиции и настапи на изборите. Но, да оставиме да се водат разговори и официјалните партиски тела да носат одлуки – рече Ковачевски.
Алијанса за Албанците сè уште не решила за коалицирањето
Од Алијанса за Албанците сè уште не решиле дали на изборите ќе настапат во рамките на европскиот фронт. Во партијата се поделени – дел сакаат заеднички настап со владината коалиција, дел со опозицијата, додека лидерот Арбен Таравари е за самостоен настап на изборите. Како ќе се позиционира Алијансата, ќе одлучат партиските органи.
Во викендот што измина, претседателот на државата Стево Пендаровски навести дека ставовите на власта и на опозицијата за изборите се приближуваат и дека е можно наскоро да се договорат за одржување на изборите во ист временски период.
– Мислам дека ставовите на власта и на опозицијата се приближуваат и веројатно во наредните денови ќе имаме и официјална објава дека е постигнат договор за одржување на парламентарните и на претседателските избори во ист временски период – изјави Пендаровски.
Џафери, пак, на брифинг со новинарите неодамна рече дека претседателските избори не може да бидат вонредни и дека најрано изборите за шеф на државата може да се одржат на 14 март, а најдоцна на 8 мај, кој е и единствениот датум на кој може да има заеднички избори во редовниот термин. Тогаш Џафери укажа дека 8 мај е критичен датум, бидејќи може да останеме без шеф на државата и изборите да мора да се повторат, но дека ако така одлучат партиите, тој ќе го почитува тоа.
Ако дефинитивно изборите бидат на 8 мај, тогаш Собранието до 29 јануари треба да ја избере техничката влада, чиј мандат е 100 дена пред парламентарните избори. За да биде вториот круг на претседателските избори на 8 мај, тогаш првиот круг треба да се одржи на 24 април, а изборите за шеф на државата да се распишат на 27 февруари, по што се очекува да се распушти Собранието.