МПЦ-ОА со апел за зачувување на македонските национални вредности
Синодот на МПЦ-ОА соопшти дека вчера на седница се осврнал на случувањата поврзани со нашиот евроинтегративен процес. Синодот очекува на транспарентен начин, Владата во содејство со сите надлежни општествено-политички фактори во македонското општество да изгради став што целосно ќе ги зачува македонскиот идентитет и македонскиот јазик и култура во рамките на европските вредности. Во овој процес, историските прашања и Договорот за добрососедство со Бугарија не треба да бидат дел од преговарачката рамка.
– Изразуваме надеж дека бугарските власти ќе ја согледаат реалноста и ќе се отповикаат на препораките на меѓународните институции и ќе му овозможат на македонското малцинство во Бугарија да ги оствари своите основни човекови права, впрочем, на реципроцитетна основа – имајќи го предвид барањето на бугарската кон македонската страна – се наведува во соопштението од МПЦ-ОА.
Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА, на својата редовна седница, одржана вчера, разгледа и повеќе прашања и настани поврзани со актуелниот црковен живот, при што ги усвои годишните епархиски извештаи, како во татковината, така и во дијаспората, и ја проследи дејноста на црковните воспитно-образовни институции.